Пред законот сите сме еднакви, вели вицепремиерот за спречување корупција, во интервју за МИА, одговарајќи на прашање во врска со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци
Законите мора да се почитуваат и пред законот сите сме еднакви, одговара вицепремиерот за спречување корупција Љупчо Николовски, во денешното интервју за МИА, на прашање дали ќе се бара одговорност од поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски во врска со случајот со софтверот за сообраќајни прекршоци.
„Институциите треба да си ја вршат работата во рамките на своите надлежности и тоа важи за секој случај за кој постои каков било сомнеж. Законите мора да се почитуваат и пред законот сите сме еднакви. Конкретно за овој случај, надлежните институции постапуваат, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага по допрен глас за набавката на софтверот и соопшти дека се издадени повеќе наредби за прибирање на потребната документација“,
одговара Николовски, на прашањето на МИА кое гласи: Во врска со софтверот за сообраќајни прекршоци на Драги Рашковски власта вели се е регуларно, во петокот Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција изврши претрес во просториите на фирмата „Инвока груп“ и во домот на сопственикот, која се поврзува со софтверот. Дали во овој случај станува збор за висока корупција и дали ќе барате одговорност од Рашковски?
Пред извесно време, Николовски изјави дека нема да бара разрешување на поранешниот генерален секретар на Владата и актуелен секретар во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, кој не го користи ниедна институција.
На прашање од „360 степени“ – дали ќе предложи Рашковски да се повлече од функцијата, по примерот на екс-директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, за која токму Николовски лани побара да понесе политичка одговорност додека паралелно тече истрага за случајот, вицепремиерот за борба против корупцијата изјави дека станува збор за различни случаи. Николовски рече дека истражните органи работат на случајот со Рашковски, но неколкупати повтори дека можност за отповикување од функција заради прекршување на етичкиот кодекс има само за носители на извршни функции именувани од Владата.
„Ние како Влада ги засилуваме сите механизми за борба против корупцијата кои ни стојат на располагање, а градиме и воведуваме и нови механизми за справување, искоренување и имплементација на конкретни мерки за превенција и сузбивање на високата корупција. Граѓаните треба да критикуваат постојано, но и самите да се вклучат во борбата против кариесот во општеството, појава која ја нагризува и иднината на нашите деца, појава која спречува развој и подобри и посигурни услови за живеење и работење. Ова е Влада која коренито се зафаќа со решавање на проблемите и веруваме дека и во оваа област граѓаните набрзо ќе воочат разлика и поместување кон подобро“,
вели Николовски во денешното интервју за МИА.
Во однос на соработката со другите политички партии, Николовски нагласи дека има постојана координација со владината коалиција, но за најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ рече дека оттаму на секој чекор доаѓаат опструкции, попречувања или саботирања во испораката на правдата во разни случаи.
За извештајот на Стејт департментот во кој се наведува дека корупцијата во земјава е на високо ниво, вицепремиерот истакна дека не се рамнодушни кон извештаите кои ги констатираат слабостите на општеството, но, како што вели, „тоа не само што не не’ демотивира, туку не прави поодлучни во битката“.
За случајот со починатиот овчар Златко Божиновски, Николовски потенцира дека по завршувањето на целата постапка, секаде каде што ќе биде утврдено, одговорност ќе има. Тој додава дека Комисијата формирана од ЦУК работи и на ревидирање на стандардните протоколи кои довеле до затајување на алките во системот.