Министерот за здравство Венко Филипче денеска констатираше дека од вчера не се чувствува истиот притисок во болниците. Не сакаше да избрзува, но вели дека големи се шансите пикот веќе да поминал.
„Вчера во текот на денот чувствуваме мало спласнување на притисокот во болниците, денеска и бројката е малку помала, треба да биде околу 1 200. Да не избрзувам со изјавите, затоа што мора да ја следиме состојбата и оваа недела, многу е веројатно дека пикот е веќе зад нас, но тоа ќе го кажеме на почетокот на следната недела“,
вели Филипче.
Сепак, бројката на хоспитализирани е голема, како и на пациенти што се со тешка клиничка слика.
„Се надевам дека нема да има некакво изненадување, значи веќе има слободни кревети на интерните клиники каде што беше најголемиот притисок. Сè уште има голем број хоспитализирани и, за жал, пациенти што се во тешка клиничка форма на болеста, за кои се преземаат мерки и на интензивно и на друга форма на лекување“,
изјави Филипче откако утрово имал консултации со директорите на скопските клиники.