Сопствениците, меѓу другото, реагираат дека објектот е изграден со пари од приватен инвеститор, државјанин на Бугарија, чии вкупни инвестиции во земјава се над 40 милиони евра
Сопствениците на една од галиите во Вардар, чие отстранување почна денеска, реагираат дека станува збор за приватна инвестиција, во која Градот Скопје нема инвестирано, како што велат, ниту еден денар.
Во реакцијата, потпишана од Жарко Миленкоски, се наведува дека се нанесува голема штета без судска одлука, со оглед на тоа што се во тек два судски предмети за овој случај.
„Денес ни дојдоа извршители, испратени од градоначалникот Петре Шилегов, со цел да го рушат бродот кој е изграден со пари од приватен инвеститор, државјанин на Бугарија (без двојно државјанство). Вкупните инвестиции на бугарскиот инвеститор во Македонија се над 40 милиони евра. Инвестицијата во овој брод е над 1,2 милион евра“,
се наведува во дописот до медиумите.
Сопствениците на објектот посочуваат дека град Скопје нема никакво побарување кон нив, туку дека тие му плаќаат на градот по 1 000 евра месечно за концесија.
„Сѐ е платено, не должиме ништо. Не е укината дозволата за поставување урбана опрема, што значи правниот акт врз основа на кој е поставен бродот, сѐ уште е во сила. Во тек се два судски предмети, од кои за едниот утринава беше одржано рочиште и не може да се руши насила додека нема судска одлука. Судот трпи огромен притисок да не донесе времена мерка за да се спречи настанување на штета. Затоа една судијка веќе се откажа, а други две веќе неколку месеци не носат решение, со цел да му се дозволи на градоначалникот да изврши рушење т.е. да направи штета, а потоа да се води судски спор. Ова е странска инвестиција од бугарски инвеститор. Информирани се бугарската амбасада и Европската Унија. Бараме да ни се гарантира правото на фер судење, без мешање и притисок од градоначалникот Петре Шилегов, кој е бивш адвокат и во повеќе наврати јавно го критикуваше судството и судиите“,
се наведува во реакцијата.
Во дописот до медиумите, сопствениците на објектот посочуваат дека не смее да се нарушува довербата на странските инвеститори.
„Ние не сме виновни ниту за пандемијата, ниту за политиките на бившата власт, ниту треба да трпиме штета поради ветувањето на градоначалникот дека ќе ги руши галиите. Повторуваме, галиите се приватна инвестиција и Градот Скопје нема платено ниту еден денар за нив“,
се нагласува во соопштението.
Градот Скопје денеска почна да ја отстранува првата од трите галии во коритото на реката Вардар, онаа што е поставена во непосредна близина на хотелот „Холидеј ин“.
Според студијата за намалување на ризикот од поплави, која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти, а галиите за третина ја намалиле проточноста на реката.