Сите сме поразени, вели директорката на Клиниката за гинекологија во Скопје, Викторија Јовановска, по смртта на двете млади родилки кои починаа од компликации од ковид-19. Според информациите од ГАК, жените немале други заболувања
Двe родилки починаа поради компликации од ковид-19. Една од нив е 33-годишна жена од Делчево, која синоќа починала во ГОБ „8 Септември“, каде што била префрлена по породувањето на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, а нејзиното бебе во добра состојба е пратено дома. Другата е 32-годишна родилка од Скопје, која денеска почина на КАРИЛ, а нејзиното бебе се бори за живот на одделението за интензивна нега на ГАК.
Директорката на Клиниката за гинекологија во Скопје, Викторија Јовановска, за „360 Степени“ вели дека според податоците што ги дале жените тие немале други заболувања.
„Двете жени се породени со царски рез и двете се второротки. Жената од Делчево беше термински породена и бебето е пратено дома. Таа дојде во лоша општа состојба, фебрилна, со кашлица и ниска сатурација. Поради влошување на состојбата по породувањето, е префрлена во „8 Септември“, каде што синоќа почина. На ГАК дојде на 10 март, со негативен тест за ковид-19, но на нашиот брз тест покажа позитивен резултат. Скопјанката е породена предвремено, десет недели пред термин. Донесена е од Инфективната клиника на 20 март и беше респираторно зависна. Веднаш по породувањето беше префрлена на КАРИЛ каде што денеска почина. Бебето сѐ уште е во животозагрозувачка состојба, односно на респиратор и е сместено на интензивна нега на нашата клиника“,
вели Јовановска.
Јовановска вели тешко е да се каже зошто дошло до фатален исход. Објаснува дека и тимот од ГАК, како и персоналот од „8 Септември“ и КАРИЛ направиле напори за да ги спасат двете родилки, но нивната клиничка слика била исклучително лоша.
„Денеска сите сме поразени“,
вели таа.
Јовановска додава дека во овој бран на пандемијата има повеќе пациентки со тешка клиничка слика, најверојатно од новите мутации на вирусот.
„Пациентките сега имаат многу полоша клиничка слика за разлика од претходно и потешко реагираат на терапијата. Можеби се должи тоа на новите мутации на вирусот, а и самата бременост секако е дополнителен ризик. Претходно пациентките не беа во толку тешка состојба. Или доаѓаа доцна или имаа коморбидитети, но сега е поинаку… Имаме и зголемен број на позитивни пациентки, во моментов има 9 пациентки во ковид-центарот“,
вели Јовановска.