Со оглед на тоа што кризната состојба на целата територија на државата поради коронавирусот трае до крајот на јуни, Мицкоски, кој не е пратеник во Собранието, веројатно, мислел на предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница
Утре да се донесе одлука за продолжување на кризната состојба поради коронавирусот, предложи денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во порака што ја упати до спикерот Талат Џафери преку Фејсбук и го повика за утре да закаже седница на чиј дневен ред би биле уште три точки, чие донесување е приоритетно и од интерес на граѓаните.
Со оглед на тоа што кризната состојба на целата територија на државата поради коронавирусот трае до крајот на јуни, Мицкоски, кој не е пратеник во Собранието, веројатно, се збунил, односно мислел на предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница, поради состојбата со мигрантите, која беше ставена на дневен ред на седницата чиј почеток Џафери го одложи на неодредено време.

Во септември минатата година Собранието со 61 глас „за“ донесе одлука за прогласување кризна состојба во државата до 30 јуни 2021 година. На таа седница не присуствуваа пратениците од опозицијата.
Од друга страна, СДСМ вчера предупреди дека поради блокадите во парламентот не може да се донесе одлука за продолжување на кризната состојба на дел од територијата на државата поради ситуацијата со мигрантите.
„Кризна состојба на целата или на дел од територијата се прогласува уште од 2015 со мигрантската криза и досега никогаш не била оспорена или проблематизирана. Со кризна состојба, меѓу другото, дадени се овластувања Армијата да учествува заедно со граничната полиција во обезбедување на границите, особено границите на кои има редовни појави на нелегален транзит на мигранти. Судејќи по претходните лажни вести, следејќи ја логиката на ВМРО-ДПМНЕ, значи ли ова дека оваа партија и Алијанса сакаат во нашата држава да се населат мигранти, да се градат бегалски кампови“,
изјави пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов.
Џафери во понеделникот објави дека седницата што требаше да почне вчера нема да се одржи и дека нема да има пленарни седници додека не се обезбеди кворум во салата. Тој засега не се изјаснува за предлогот на Мицкоски, утре, пред пратеничките прашања, да се одржи седница со четири точки на дневен ред, кои, според опозицијата, се приоритетни за донесување.