Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, приоритетни за донесување се одлуката за продолжување на кризната состојба поради коронавирусот и измените на законите за данок на личен доход и за финансиска поддршка на работодавачи и на физички лица
Спикерот Талат Џафери за утре да закаже пленарна седница, за да се изгласаат четири закони што опозицијата ги смета за значајни за граѓаните. Ова е предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој смета дека заседанието треба да се одржи претпладне, пред веќе закажаната редовна седница за пратенички прашања.
Одлуката за продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради коронавирусот и измените на законите за финансиска поддршка на работодавачите и за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност – погодени од корона-кризата, како и измените на Законот за данокот на личен доход се точките, кои , според Мицкоски, треба да се стават на дневен ред на седницата што би се одржала утре.
„Ќе потенцирам уште еднаш, иако поддршката од Владата е мала и недоволна за фирмите и за граѓаните, сепак, истата ќе биде поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е отворено барање. Владата и СДСМ да престанат со манипулации и незрело однесување. Граѓаните не смеат да бидат заложници на неспособната влада“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Тој вели дека пред точно 21 ден Зоран Заев побара да се гласа доверба за неговата влада, но, како што посочува, не побара на истата седница да се гласаат законите за помош на стопанството и на граѓаните, кои се недоволни, но, сепак, подобро нешто отколку ништо.
„Тие закони се во собраниска процедура уште од месец февруари, но долго време не се ставаа на дневен ред поради тоа што Владата немаше во буџетот пари, а тоа пак е последица на расипничкото и недомаќинско работење и на помешаните приоритети. Втората причина е што за оваа нивна слабост сега сакаат да ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ. Ова доаѓа од истите на кои им беше поважно да се пофалат дека имаат поддршка од 62 пратеника, која во овој момент ја немаат и да го покријат фактот што ги потрошиле парите во буџетот па мораа дополнително да се задолжуваат“,
нагласува Мицкоски.