Со 60 840 гласа „за“, 888 „против“ и 249 неважечки ливчиња, Зоран Заев доби трет мандат на првите избори за лидер на СДСМ
Старо-новиот претседател на СДСМ најави кадровски промени во партијата и засилена борба против корупцијата. Заев рече дека засега не планира кадровски промени во извршната власт, а во врвот на СДСМ промени ќе има по конгресот на 16 мај
Следува нова политика. Пролетна офанзива за нов пресврст на политичкото делување на СДСМ и реформа во нашите редови, порача Зоран Заев во вечерашното обраќање по првите непосредни внатрепартиски избори во СДСМ на кои беше реизрбан за претседател на партијата.
Заев рече дека излезноста на изборите била 90 отсто. Од 61 977 членови на партијата кои излегоа да гласаат, 60 840 гласале „за“ , 888 „против“, а 249 се неважечки ливчиња.
„Ми укажавте голема чест по трет пат да ја водам партијата. Ова е голема одговорност за мене. Во следните четири години СДСМ да биде локомотива која ќе го движи нашето општество напред. Ја подигнавме внатрепартиската демократија на највисоко ниво“,
рече Заев.
Коментирајќи ги 888 гласови против неговиот реизбор за лидер на СДСМ, Заев рече дека тоа е демократија и дека покрај успесите што ги постигнала неговата влада, легитимно е да има сопартијци кои размислуваат поинаку.
Тоа е доказ дека нема перфектно идеален човек дури и кога ја води својата партија кон победи, исполнувајќи ги стратешките цели на државата, но пред се очекувањата на граѓаните дома, како владеење на правото. Во демократијата имате и против, а нашите социјалдемократи се и граѓани на Северна Македонија, еве имаме и неважечки гласови. Имаме преку 68 000 членство, од кои 61 977 излегле на гласање, тоа е 89,9 прооценти. И тоа е голем процент и сум благодарен. Логично е да имаме и против, бидејќи не можам, ниту јас ниту било кој човек, да ги исполнам очекувањата на сите, тоа е за мене порака да работиме уште повеќе и да бидеме подобри. Верувам дека отчетноста и целото ставање на располагање на народот дополнително ќе го демократизира и смени СДСМ“,
рече Заев.
Заев во својот говор најави кадровско освежување и засилена борба против корупцијата.
На новинарските прашања рече дека засега не се планира промени во извршната власт, а во врвот на СДСМ рече дека ќе има промени по конгресот на 16 мај. Посочи дека кадровските промени се од аспект на воспоставување на највисоките органи и тела, како што се, Извршниот одбор, Централниот одбор, потпретседателите и секретарите, а дека тоа зависи од тоа кој ќе биде избран во новиот состав на Централниот одбор.
„Преурането е да се каже кои ќе ги заземат овие врвни места. Тоа не значи дека ќе има промени во владиниот состав, јас сум задоволен од работата на Владата и верувам дека треба да продолжиме, но секако пред нас се кадровски одлучувања во рамките на раководството на СДСМ“,
порача Заев.
Составот на ЦО ќе се избира на конгресот на 16 мај и може да брои до 120 члена.