Сашко Дукоски, адвокат на првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“ Бојан Јовановски – Боки 13, смета дека денешното сведочење на бизнисменот Орце Камчев било тотално непотребно.
Една од причините кои ги наведе тој, е тоа што самиот Камчев кажал дека е некредибилен, но и тоа што тој нема дадено исказ во текот на истрагата за овој случај, туку неговиот исказ во обвинителството бил за предметот „Рекет“ каде Боки неправосилно е осуден на 9, а Катица Јанева на 7 години затвор.

„Имате една невообичаена ситуација, предлагате сведок, зборувам за обвинителството, кој не е сослушан во истрагата, користите исказ кој е даден во друг предмет и нема врска со овој случај и како капа на се, сведокот неколку пати сам ви кажува дека не е кредибилен и вие со неверојатна упорност се обидувате да го сослушувате. Тоа го оставам на стратегијата на обвинителството, но за мене тоа е недозволиво и невообичаено зошто да се сослушува сведок кој во старт ви кажува дека не е кредибилен“,
изјави Дукоски.
Адвокатот смета и дека сведочењето на Камчев е спротивно од тоа што го тврди обвинителство – дека измамата била правена со лажни ветувања оти ќе се обезбеди државно земјиште за домови за возрасни лица.
„На крајот од денот ништо не кажа за тоа за што беше повикан од страна на обвинителството. Напротив, дејствието на извршување е дека Бојан наводно некого измамил со ветување дека ќе обезбеди државно земјиште, а сведокот Камчев кажа дека станувало збор за два проекти кои биле одбиени поради економска неисплатливост, но исто така децидно наведе дека станува збор за приватни парцели. Како тоа вие ќе вршите влијание од страна со некакво познанство од некои државни органи за земјиште кое се наоѓа во приватна сопственост. Можам ли јас да ја уклучам државата во нешто што е ваша сопственост? Од тие причини сметам дека тотално непотребен беше овој сведок и ништо нема да утврди за фактичката состојба на овој предмет“,
рече Дукоски.
Камчев во неговото сведочење кажа дека со Боки зборувале за неколку локации, меѓу кои парцела на бизнисменот на територијата на Карпош, како и дека Јовановски му кажал дека не бил во добри односи со градоначалникот на оваа скопска општина, Стефан Богоев, за да може да излобира за друга локација.
Во овој случај, Боки 13 како претседател на „Меѓународниот сојуз“ е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Заменик-претседателката Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и асистентката на Боки, Христина Блажевска се обвинети за помагање во овие дела, а експратеничката Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е обвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Во овој предмет обвинителството тврди дека двајца познати бизнисмени, Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра – Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра.
Покрај Камчев, на денешното рочиште сведочеше и Агапи Дика која беше претседателка на Собранието на Меѓународниот сојуз.