Во оние градови каде што имало висок процент на заразени во однос на бројот на жители, како Валандово, Крушево Прилеп, ситуацијата се смирува, но затоа има зголемување на тој процент во Скопје, Гостивар и Велес
Рестрикциите што во моментов се во сила, како и забраната за движење од 22 часот навечер до 5 часот наутро, засега остануваат. Евентуално за проширување би се разговарало на состанокот на Комисијата за заразни болести на почетокот на следната недела, врз основа на анализите од викендот.
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, заедно со епидемиологот Жарко Караџовски, рече дека на денешната координација на Комисијата утрово, врз основа на анализите од изминатите денови и недели, констатирано е дека во оние градови каде што имало висок процент на заразени во однос на бројот на жители, како Валандово, Крушево Прилеп, ситуацијата се смирува, но затоа има зголемување на тој процент во Скопје, Гостивар и Велес.
Комисијата заклучила дека во изминатите 4 недели има зголемување на бројот на активни случаи за 5 000 (од 15 февруари до 15 март), што укажува дека евидентно сме во трет бран од пандемијата.
Во однос на состојбата во болниците, Филипче рече дека има притисок, особено во Скопје и поради тоа е направен систем на менаџирање и координација на јавноздравствените установи, прво во Скопје, а потоа и во другите градови.
„Сите интерни клиники сега се ковид-центри. Има одреден број слободни кревети, кој е помал од ноември лани, поради што е ставен во функција оддел на хируршките клиники кој досега не беше активиран. Но има сосема доволен број болнички кревети за пациентите од Скопје и од другите градови. Сега сите ковид-центри се во функција, некаде се користат, а негде не“,
рече Филипче.