Актуелниот претседател на СДСМ кој е единствен кандидат на внатрепарстиските избори за лидер в недела, попладнево од партиското седиште ја промовира програмата „Нова политика – СДСМ прв во промените“
Нова кадровска политика, освежување, борба против корупција и криминал, разноликост на мислења и мотивирање на граѓаните. Ова се главните точки од програмата со која актуелниот претседател на СДСМ и премиер Зоран Заев ќе настапи в недела кога владејачката партија ќе избира претседател, за првпат на непосредни избори.
Заев кој е единствен кандидат, на прес-конференцијата во партиското седиште ја промовираше програта насловена како „Нова политика – СДСМ прв во промените“, која ја објасни како офанзива за пресвртт во политичкото делување и јавно побара поддршка од членството.
„Ја барам поддршката за нов мандат, за нова политичка пролетна офанзива на СДСМ и на Владата. Ова ќе биде досега најголема политичка акција за позитивни промени, а ќе поченем од СДСМ. Оваа нова политика на СДСМ е за новото време. СДСМ повторно ќе биде прв во промените и носител на нова политика“,
рече Заев.
Првата точка од програмата е реформата на досегашната кадровска политика на СДСМ. Тоа, како што рече Заев нема да значи откажување од некого, туку одговорност, бидејќи според него некои работеле добро, некои можат и повеќе, а некои потфрлиле.
Оваа промена накусо ја објасни вака:
„Никој од СДСМ веќе нема да се кандидира за да биде функционер, тука да биде служител на граѓаните“.
Вториот столб од новата политика е целосен ангажман на секој функционер од СДСМ во борба против корупцијата и криминалот, истакнувајќи дека партиската книшка веќе нема да биде привилегија, туку одговорност.
Следно, новата политика ќе биде и во насока на охрабрување на различните мислења и почитување на различни ставови, што според Заев е одраз на демократија. Тој повторно ја повика опозицијата на национален консезус за сите најважни прашања, односно како пто рече сите да се „вградат“ во институциите и да нема „некои да одат напред, а некои назад“.
Тој најави подмладување на кадрите во партијата, односно дека партијата ги отвора вратите за сите кои ја поддржуваат социјалдемократската идеја, а досега не биле вклучени во политичкиот живот.
„СДСМ не е елитен клуб, забранета зона, туку место за сите граѓани и политичка идеја која мотивира и предизвикува, партија на сите граѓани во која е преслиикан концептот за ‘Едно општество за сите’“,
рече Заев.
Како последна точка, тој го истакна мотивирањето на граѓаните и работа во насока на тоа каде што се движи прогресивниот свет на чело со, како што рече, САД и ЕУ, потоа нови технологии, дигитализација, платформи…