Едно дете почина, а една жена во животно загрозувачка состојба е пренесена во гостиварската болница по пожарот што избувна во станбена зграда во Гостивар, јави МИА.
Пожарникарите изнеле безживотно тело на дете и една 35-годишна жена, кои набрзо се пренесени со Брза помош во Градската општа болница. На ургентното одделение во болницата била констатирана смрт на детето, која најверојатно настанала од задушување.

Според очевидците и станарите, пожарот се појавил утрово пред 8 часот по што се раширил чад и станарите од зградата на улицата „Кеј Вардар“ почнале да се евакуираат.
Дежурниот пожарникар Изет Изети изјави дека непосредно по пријавата за пожар на терен излегле со две возила и за половина час огнот го локализирале. Првичните сознанија се дека огнот се појавил во една од собите на станот во кој престојувало повеќечлено семејство.
Според станарите, брзата интервенција спречила ширење на пожарот и поголема штета.
Во тек е увид на екипа од СВР Тетово и јавен обвинител за да се утврдат причините што довеле до трагичниот настан.