Во однос на дијалогот со Приштина, Вучиќ рекол дека Србија ќе продолжи да се стреми кон постигнување вистински и одржлив компромис
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска, преку видео врска разговараше со специјалниот пратеник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, Метју Палмер. Притоа, биле разгледани бројни регионални прашања, состојбата во врска со пандемијата, мерките за економското закрепнување и продолжувањето на дијалогот со Косово.
„Палмер ѝ честиташе на Србија за исклучителниот успех во вакцинирањето, како и за помошта во вакцините што беа доставени до земјите од регионот. Тој особено ја истакна важноста на ваквата регионална политика, која е насочена кон солидарност и поврзаност, нагласувајќи дека во времиња на предизвици, земјите треба да најдат можност да ја изразат својата подготвеност за соработка“,
се наведува во соопштение од кабинетот на Вучиќ.
Српскиот претседател истакнал дека еден од надворешно-политичките приоритети на Србија е во иднина да се изнајдат решенија што ќе значат подобри и поинтензивни билатерални односи со САД.
„Американскиот официјален претставник истакна дека еден од приоритетите на САД е стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и ја пофали конструктивната улога на Србија во регионалните иницијативи, како што е ‘малиот шенген’ и бројните инфраструктурни проекти кои значително ќе го подобрат квалитетот на живот на сите граѓани во регионот и дополнително ќе ја зајакнат регионалната економска интеграција“,
се наведува во соопштението.
Во однос на дијалогот со Приштина, Вучиќ рекол дека Србија ќе продолжи да се стреми кон постигнување вистински и одржлив компромис во решавањето на прашањето за Косово, истовремено штитејќи ги интересите на тамошните Срби, како и зачувувајќи ги државните и националните интереси на Србија.
Палмер истакнал дека САД го поддржуваат процесот предводен од ЕУ и изразил очекување дијалогот да продолжи наскоро.