Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинителен предлог против Љупчо Палевски за продолжено кривично дело оддавање службена тајна.
ОЈО Скопје, во соопштението не го споменува Палевски ниту со иницијали, но тој самиот се огласи преку социјалните мрежи.
Обвинителството го товари дека објавувал документи од УБК.
„Во повеќе наврати во текот на јули 2020 година во Скопје, обвинетиот, на возраст од 56 години, ѝ сторил достапни на јавноста документи од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, сегашна Агенција за национална безбедност, до кои дошол на незаконит начин. Документите биле класифицирани како службена тајна со степен на доверливост ‘строго доверливо’ и се однесувале на оперативно истражување на УБК“,
велат од ОЈО Скопје.
Обвинителството наведува дека на 7 јули 2020 на прес-конференција тој презентирал фотокопии од делови од работна верзија на извештај од разговор со лице соработник на УБК и една службена белешка. Во наредните денови, пак, на 8, 9 и 12 јули лани на Фејсбук тој продолжил да објавува делови од класифицирани документи, меѓу кои и транскрипти од разговори со цели на тогашната УБК.
Палевски, пак, на социјалните мрежи се огласи со видео во кое зборува за обвинувањата.
„Ја признавате содржината на службената тајна, а содржината е прислушување на сите активисти на ’Бојкотирам‘. Од што сте во паника и сте раскрадени по цел ден не можете никого веќе да исплашите, а мене воопшто“,
вели Палевски, кој во коментарот спомнува и дека во тие документи што ги објавил, дека тој наводно бил организатор на атентат за премиер, но нему и по три години не му фали ништо.