Судијката од Основниот кривичен суд во Скопје, Софија Лаличиќ, која денеска беше разрешена во изјава за ТВ24 вели дека е разрешена за бенигна работа и таквата одлука е срам за Судскиот совет.
„Дали за ваква бенигна работа за казнување на адвокат за што одлуката е укината на двостепен суд, ако за ваква работа се разрешува судија јас поставувам прашање-тогаш поблагите санкции за што служат?“,
вели Лаличиќ за ТВ24.
Претставката за нејзино разрешување ја поднесе адвокатот Асмир Алиспахиќ откако таа го казни со 2 000 евра за напишан статус на социјалните мрежи во која ја нарекува „сваровски судијка“.
„Сваровски судството“ почна да се употребува во јавноста откако СДСМ во 2015 како опозиција почна да објавува „бомби“. Лаличиќ ја имаше во една од нив, поточно во разговор со некогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков.