Оштетени се стотина домови, училишта, болници, како и четири цркви, од кои едната е од 17 век
Десетици жители на селата Дамаси и Месохори, во централниот дел на Грција во областа Тесалија, ја поминаа ноќта надвор по вчерашниот силен земјотрес од 6,3 степени според Рихтеровата скала и десетиците последователни потреси, при што 11 лица се повредени.



Нивните домови беа делумно оштетени и поради опасноста тие беа сместени во шатори или во хотели во блиските градови Трикала и Лариса, објави цивилната заштита.


Во меѓувреме, експертите ја проценуваат штетата на објектите.
Екипите прегледуваат куќи и училишта кои се затворени како мерка на претпазливост, потоа болници и други јавни згради.

Меѓу стотината оштетени згради има четири цркви, од кои едната е од 17 век, соопшти тамошното Министерство за култура.

Земјотресот со јачина од 6,3 степени според Американскиот геофизички институт и шест степени според податоците во Атина беше регистриран вчера нешто пред 12 часот.
Епицентарот бил на 238 километри северно од Атина и на длабочина од осум метри, соопшти Атинската опсерваторија.
На Јутјуб се појавија видеа на кои се гледа како изгледал потресот и реакциите на жителите.
Земјотресите се вообичаени во Грција. Во земјотресот со јачина од седум степени, кој се случи на 30 октомври минатата година во Егејското Море, помеѓу островот Самос и турскиот град Измир, загинаа две лица на Самос и 114 во Турција.