Судијката одговори дека денешното рочиште за „Меѓународен сојуз“ ќе продолжи, а потоа ќе го испрати барањето до обвинителството
Обвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски-Боки 13, денеска повторно побара изземање на обвинителката Вилма Русковска од предметот, а како прва причина го наведе тоа што таа не се појавувала на закажаните рочишта, туку праќала други обвинители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Барањето, рече, го упатува до републичкиот обвинител Љубомир Јовески.
Боки посочи дека му е јасно оти поради хиерархиската поставеност Русковска како шефица може да праќа свои заменици од истото обвинителство, но сака да знае точно кој обвинител го гони во овој предмет.
„Русковска покажа анемично и арбитрарно однесувањево, мислеше дека е доволно да поднесе обвинение, да даде зајадливи воведни зборови без содржина и потоа да праќа заменици“,
рече Јовановски и додаде дека другите обвинители покажале дека не се упатени во предметот.
Јовановски уште еднаш ги повтори и обвинувањата дека Русковска е тенденциозна, непрофесионална и понижувачки се однесувала кон него. Неговото барање во судница го слушна обвинителката Ивана Трајчева, која денеска се појави во судница како застапник на обвинението.
Судијката Софче Гаврилова-Ефремова, пак, одговори дека денешното рочиште ќе продолжи, а барањето за одлучување ќе го испрати до обвинителството по завршувањето на рочиштето.
Ова не е прво барање за изземање на Русковска. На стартот на судскиот процес во јули минатата година, изземање бараше Фросина Ременски, а Јовановски се приклучи кон тоа. Ременски тогаш наведе неколку причини за изземање на Русковска – селективност, попречување на правдата и кршење на нејзините права како обвинета. Јовановски , исто така, ја обвини Русковска за селективно и тенденциозно постапување, како и за тортура врз него. Обвинителката, пак, тогаш рече дека смета оти барањето е неосновано.
Меѓутоа, таквото барање беше одбиено.
Судскиот процес е во доказна постапка, па така на денешното рочиште Трајчева презентира материјални докази на обвинителството.
Бојан Јовановски-Боки 13 е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и асистенката Блажевска, пак, се обвинети за помагање во овие дела, а Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Во овој предмет обвинителството тврди дека двајцата бизнисмени Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра. Од друга страна, одбраната тврди дека ова е монтиран случај и нема конкретни докази.