Во финансиската истрага осомничени се Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ и други

Речиси осум месеци поминаа откако обвинителката Вила Русковска изјави дека има поместување во предметот „Империја“ кој е даден на финансиско вештачење.
Денес вештачењето сè уште не е завршено, а објаснувањето е дека станува збор за обемен предмет.
„Документацијата од предметот за кој покажувате интерес, како што веќе информиравме, е предадена на вештачење. Со оглед на обемноста на истата, потребен е подолг временски период за вештачење, па согласно тоа во моментов не може да се говори за донесување на конкретен акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со овој предмет“,
велат од Обвинителството.
Истрагата за овој предмет ја отвори згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО) на 9 ноември 2018, а во септември 2019 година сите негови случаи, вклучително и „Империја“, преминаа во редовните обвинителства. Во меѓувреме, истрагата ја кочеше и мислењето од Врховниот суд на почетокот на 2019 година со кое го прогласи СЈО за ненадлежно за предметите отворени по истекот на рокот од 18 месеци, а исто така имаше и преговори за новиот Закон за јавно обвинителство кој беше донесен во февруари лани.
По примопредавањето, ОЈО за гонење организиран криминал и корупција го презеде „Империја“, обвинителката Лиле Стефанова остана надлежна, а дополнително, како „засилување“ беше назначена и обвинителката Гордана Смаќоска.
„За ’Империја‘ можам да ви кажам дека се интензивира… Знаете дека од крајот на февруари почна кризата со ковид-19, не можеше да се испитуваат сведоци. Се договоривме и со колешката Гордана Смаќоска и со колешката Лиле Стефанова во наредниот период да се интензивира работењето во овој предмет“,
рече шефицата на Обвинителството Вилма Русковска на 1 јули лани.
По три недели, следуваше и нејзината изјава дека предметот е испратен на материјално-финансиско вештачење, кое сè уште не е завршено.
„Треба да се сослушаат неколку сведоци за кои колешките сметаат дека се неопходни, но тоа ќе оди паралелно додека тече вештачењето“,
рече обвинителката на 21 јули 2020.
Во меѓувреме, според изјавата на Рускоска во емисијата „360 степени“ емитувана на 13 ноември 2020, Обвинителството добило одговор од вештаците дека не може да го вештачат, а потоа одолговлекување имало и поради и летните одмори.

„Реков дека е дадена на финансиско вештачење, после ни вратија дека не може да вештачат, па почнаа и летни одмори и така. Па, конечно се договоривме за вештачење и сега кога ќе го завршат… Навистина има огромен доказен материјал кој вештите лица треба да го видат, да го проучат и така“,
рече Русковска.
И во јануари годинава републичкиот обвинител Љубомир Јовески рече дека предметот сè уште е во фаза на вештачење.
Од друга страна, пак, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која „падна“ токму поради злоупотреба на службената положба и овластување во „Империја“. Таа тврдеше дека случајот бил пред обвинение.
„Кога јас го оставив предметот ’Империја‘, беше во завршница, пред обвинение, каде е сега тој, каде се другите предмети?“,
праша Јанева кога даваше одбрана на рочиште за „Рекет“ одржано на 8 мај лани.
Во „Рекет“, на неа и на Бојан Јовановски-Боки 13, им се судеше дека од осомничениот бизнисмен Орце Камчев барале пари за тој да добива „привилегиран“ третман, за што се неправосилно осудени на 7 односно 9 години затвор.
Во овој судски процес свое сведочење за „Империја“, имаше и обвинителката Лиле Стефанова.
Во „Империја“, како што своевремено соопшти СЈО, станува збор за финансиски криминал односно перење пари преку фирми во земјава и офшор-компании, а се истражуваат неколку кривични дела, како злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари. Покрај Камчев, осомничени сè уште 12 лица, меѓу кои и Сашо Мијалков, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.