Нема опасност да застари предметот „Империја“, тврди обвинителката Вилма Русковска, која најавува дека истрагата за случајот се интензивира.
„За ’Империја‘ можам да ви кажам дека се интензивира… Знаете дека од крајот на февруари почна кризата со ковид-19, не можеше да се испитуваат сведоци. Се договоривме и со колешката Гордана Смаќоска и со колешката Лиле Стафанова во наредниот период да се интензивира работењето во овој предмет“,
рече Русковска додека одговараше на новинарски прашања пред Основниот кривичен суд во Скопје.
Во „Империја“ станува збор за истрага за финансиски криминал против бизнисите на Јордан Камчев, членови на неговото семејство, Сашо Мијалков, Цветан Панделевски и други. Истрагата ја отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) каде ја водеше обвинителката Лиле Стефанова.
Откако лани предметите на СЈО преминаа во рацете на редовните обвинителства, „Империја“ со повеќето други истраги завршија во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, каде шефица е Русковска. Стефанова доби овластување да продолжи да ја води истрагата, а покрај неа во случајот се вклучи и обвинителката Гордана Смаќоска.
Во однос на останатите истраги кои ги отвори СЈО и опасноста да застарат Русковска одговори дека не ги видела предметите и не може точно да каже.
Со новиот Закон за јавно обвинителство кој стапи на сила вчера, предвидено е обвинителството со кое раководи таа да се прошири со нови обвинители, а на прашањето дали очекува обвинителите од СЈО да го засилат тимот, таа вели дека може да конкурира секој што ги исполнува условите.
„Видете, има оглас, тоа е интерен оглас затоа што да бидеш обвинител во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција треба да исполнуваш одредени услови. Секој што ги исполнува условите може да конкурира, а кој ќе биде, односно кои ќе бидат избрани тоа одлучува Советот на јавни обвинители“,
рече Рускосска.