Во завчерашната „магла“ за мачката на обвинителката Лиле Стефанова и погрдните зборови што ги доби од нејзината поранешна шефица Катица Јанева, за јавноста остана речиси невидлив важен момент за случајот „Империја“. Истрагата против Орце Камчев, Сашо Мијалков и останатите опфатени во предметот зема „залет“ во обвинителството што го води Вилма Русковска
Јавното обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупција поканило повеќе сведоци во врска со предметот „Империја“, дознава „360 степени“ од упатени извори. Извесно е дека сослушувањето на сведоците ќе почне веќе оваа недела.
Поради тајноста на постапката, од Обвинителството засега не откриваат дали поради начелното правно мислење на Врховниот суд повторно ќе се испитуваат „старите“ сведоци сослушани од СЈО во истрагата против Камчев, Мијалков, Панделески и другите. Или, пак, предметот оди чекор понатаму од каде што застана кај Катица Јанева, со нови сведоци.
По преземањето на предметите од СЈО, државниот обвинител Љубомир Јовески изјави дека во секој од случаите поединечно ќе се проценува дали и кое дејство ќе треба одново да се изведе. Изјавата на Јовески беше во контекст на начелното правно мислење на Врховен, според кое, секое дејство на СЈО по 30 јуни 2017 г., надвор од предметите за кои до тој датум е поднесено обвинение, е дејство од неовластен тужител. Истрагата под кодно име „Империја“, СЈО ја отвори на 9 ноември 2018 г.
„Рекет“ ја забрза „Империја“
Без конкретни детали, но со јасна порака дека ОЈО за гонење на организиран криминал го забрзало постапувањето за истрагата „Империја“ завчера излезе и обвинителката Лиле Стефанова. Таа е една од двете обвинителки кои и сега го водат предметот, заедно со нејзината колешка Гордана Смаќовска.
Изјавата ја даде по сведочењето во случајот „Рекет“. Пред новинарите прво изјави дека наместо да ги завршуваат истрагите во СЈО, биле доведени во „фактичко неизвршување на функцијата јавен обвинител“, алудирајќи на постапките на Јанева. Потоа дополни:

„Империја овие денови добива забрзани текови. Уверена сум дека ќе добие и на ефикасност и на брзина и дека ќе можеме да донесеме конечна јавнообвинителска одлука во овој предмет за да престанат сите сомнежи, препукувања и слични ситуации“,
изјави обвинителката Лиле Стефанова по рочиштето за случајот „Рекет“ одржано на 27.1.2020 година.
Што сè друго откри Стефанова за „Империја“ сведочејќи за „Рекет“
Првичната наредба за истрага за случајот „Империја“, сведочеше на 27.1.2020 година Лиле Стефанова, опфатила 13 лица од кои за петмина се барало и бил одобрен притвор. Меѓу нив и Орце Камчев, кој има двојно државјанство, имот надвор од државата, силно влијание врз сведоци, како и Цветан Панделески, кој, исто така, има имот во странство, но и лична карта со адреса во Грција.

„Оваа истрага имаше една специфичност бидејќи за цело време осомничените на некој начин успеваа да дознаат што презема СЈО и за предлозите за мерката притвор, а претходно и наредбите за претрес. Јас лично, а убедена сум и Катица Јанева, ги чувавме во најголема тајност“,
рече Стефанова.
Истрагата и првите барања за притвор и претрес се случија на 9 ноември 2018 година. Ноќта претходно, околу 23 часот, кругот на луѓе што знаеле што ќе следува утредента се проширил со лица од МВР. Наредбата за претрес, пак, како што потоа рече Стефанова, била потпишана од судијката на претходна постапка Весна Димишкова.
Името на нејзиниот брат, адвокатот Васил Димишков, пак, беше споменувано од брачната двојка Орце и Ана Камчеви како лице кое прво стапило во контакт со нив, ги известило за ПИ-мерките и ја дало првата понуда.
Сепак, Стефанова рече дека не знае кој ја дал информацијата, но тврдеше дека не „протекла“ од СЈО. Понатамошниот синџир, како се проширила информацијата до осомничените, според сознанијата на обвинителката, почнува од Сашо Мијалков, кој ја пренел до Ненад Јосифовиќ, тој му кажал на Зоран Милески-Кичеец, а Кичеец го известил Камчев. Сите, освен Кичеец, се осомничени во „Империја“.
„Кога истражителите влегле кај Камчев, бев информирана дека тој ги чекал спремен, облечен. Тука бил и Зоран Милески-Кичеец, а била спремна и неговата сопруга. Тоа беше во 6 часот наутро“,
сведочеше обвинителката која рече и дека сефот во домот на бизнисменот бил испразнет, а пронајдените телефони не биле стари туку штотуку ставени во употреба.
Слично било и во канцеларијата на Ненад Јосифовиќ во „Орка холдинг“. Таа била „средена“. Таму биле и поранешниот министер за правда од ВМРО-ДПМНЕ, Михајло Маневски и неговата сопруга, пензионираната судијка Фимилена Маневска.
Еден од поинтригантните моменти што ги спомена обвинителката Стефанова во своето сведочење се однесува на емисарите преку кои се правел притисок за „Империја“.
„За цело време на предистрагата и истрагата, најмногу Камчев и Панделески бараа начин како да влијаат на истрагата. Праќаа разни емисари, политичари, бизнисмени, судии, обвинители. Сите тие обиди беа неуспешни и кај мене и кај Катица Јанева, тоа го тврдам. Ви ниту еден момент во предистрагата ниту во моментот кога се отвори истрагата Јанева не покажала дека сака да им ја олесни положбата на лицата или да влијае врз мене“,
рече Стефанова.

Помеѓу „емисарите“ обвинителката ја посочи и судијката Добрила Кацарска, која, како што рече, цел ден била во судот кога се одлучувало за притворот на Камчев.
„Да, можам да кажам и кој судија е. Станува збор за Добрила Кацарска. Таа не се јавила лично кај мене, туку кај мој колега“,
рече Стефанова одговарајќи на прашањата од Сашко Дуковски, кој е адвокат на Бојан Јовановски-Боки 13.
Кацарска во изјава за „Фокус“ го демантираше дека правела притисоци и најави дека размислува за тужби.
При нејзиното последно појавување во јавноста, судијката зборуваше за блискоста со Камчеви и дали ѝ барале правни совети поврзани со предметот „Империја“ или предметот „Рекет“.
„Верувам дека дел од јавноста нема да ми верува, но јас сум судија со долгогодишно судиско искуство и јас секогаш зборувам само со факти и ја зборувам вистината. Орце Камчев има тим од адвокати. Нема потреба мене да ме прашува. Втора работа – верувајте ми дека мене самите тие ме држат настрана и од предметот „Рекет“ и од предметот „Империја“. Не сакаат да ме поврзуваат мене со тие предмети. Значи, лично тие мене ме заштитуваат. Така што, во ниеден момент, ова го тврдам и каде сакате ќе го повторам – во ниту еден момент Орце Камчев не побарал од мене ниту еден правен совет“,
рече Кацарска при гостувањето во „360 степени“ на 12 декември.
Уште еден од поважните моменти што ги спомена Лиле Стефанова во сведочењето е пресвртот во односот на Јанева кон предметот „Империја“. До него доаѓа во декември 2018 година. Тогаш истекува мерката притвор од 30 дена која со отворање на истрагата ја добија осомничените бизнисмени.
„Јанева почна да бара повеќе информации, што јас сметав дека е нормално. Ја повикуваа во емисии, се распрашуваа новинари и не гледав ништо чудно во тоа“,
рече Стефанова.
Во тој период, во дејствијата на приказната, според сведочењето, се вмешува и блиската соработничка на Камчев, Наташа Савова.
На 20 ноември обвинителката побарала Камчев да биде спроведен од притвор до СЈО. Во еден момент, кога стручниот соработник го носел неговиот адвокат во собата за распит, Камчев од џебот извадил лист хартија на чиј врв било логото на „Систина“. На листот имало текст на македонски, но и порака на латиница.

„Камчев ми рече прочитај го латиничниот текст, тој текст ми е напишан од Наташа Савова“,
раскажуваше Стефанова.
На листот, според нејзиното кажување, пишувало дека за него и за Сашо Мијалков, во пакет, ќе се преземат определени мерки за да излезе од притвор за кои ќе се погрижи Наташа Савова.
Веднаш по ваквото сведочење се огласи и Савова. Во изјава за „Фактор“ таа вели дека тврдењата на Стефанова се паушални. Савова не ја спомнува пораката на латиница и наместо тоа ја обвинува обвинителката дека има лоша репутација и се сомнева дека Стефанова има негативен став кон неа уште од поодамна.
„Единствено што е сигурно од денешното појавување на обвинителката е дека најверојатно поради, како што и самата денес изјавува – колегијалност помеѓу фелата, треба да е среќна што седи на клупата на сведоци, а не на обвинети“,
вели Савова.
Рекет или поткуп
Сведочењето на Стефанова испровоцира многу реакции. Но, само една предизвика и контрареакција од сведокот во случајот „Рекет“, а осомничен во „Империја“ – Јордан Камчев.
Поводот беше настапот на пратеникот Хари Локвенец од СДСМ, кој алудираше дека во случајот „Рекет“, всушност, станува збор за поткуп.

„Денешните случувања околу предметот во јавноста, познат како ,Рекет’, сè повеќе го одмотуваат клопчето на вистината. Денешните случувања се најдобар доказ дека се работи за индиции за кривично дело поткуп. Дека предметот ,Империја’ свесно се урнисувал преку давање поткуп на обвинители“,
изјави пратеникот Хари Локвенец.
Јордан Камчев, во изјава за порталот „Плусинфо“, му одговори на Хари Локвенец со покана пратеникот да дојде кај него и да ги види доказите што ги поседува за, како што го нарекува, монтираниот случај „Империја“.

„Така ќе се увери лично дали станува збор за рекет или за поткуп, но и кој сè е замешан во случајот. Тоа би му било мудра одлука за него како пратеник од владејачката партија пред да држи вакви предизборни пресови со кои истовремено ме оцрнува и мене како бизнисмен и ѝ нанесува штета на сопствената партија“,
вели Камчев за „Плусинфо“ , повикувајќи го пратеникот да го побара во „Орка холдинт“ или телефонски во неговиот кабинет.