Пристапот до апликацијата наменета за попишување на дијаспората е оневозможен да се користи од земјава, но граѓани тврдат дека успеале да се регистрираат, иако се наоѓаат на територијата на С Македонија.
Од Државниот завод за статистика велат дека секое нарушување е казниво со Законот за попис. Тие појаснуваат дека внесувањето податоци преку ВПН или прикриена ИП-адреса, односно самото користење таква алатка за внес на податоци во пописот, се смета за спротивно на Законот за попис и методологијата за подготовка, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци.
„До апликацијата може да се пристапи само со ИП-адреса од странство. Пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен токму поради тоа што апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за попис, односно согласно член 49 од Законот за попис на населението. Тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“,
наведуваат во соопштение од Државниот завод за статистика.
Од ДЗС посочуваат дека со самиот внес на податоците на таков начин не значи дека тие автоматски влегуваат во резултатите од пописот, напротив, сите податоци внесени преку апликацијата подлежат на проверка и споредување со претпописната база на податоци, со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен на целата територија на Република Северна Македонија, а со цел утврдување на вистинитоста на податоците.
„Секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на пописот и е казниво со закон“,
велат од Државниот завод за статистика.
Заев уверува дека процесот не може да се надмудри
Премиерот Зоран Заев, на новинарско прашање во врска со пописот, вели дека податоците ќе бидат вкрстени со други осум бази на податоци и државата ќе може да види кои граѓани се нерезиденти, односно повеќе од една година се надвор од државата.
„Еве, два месеци да е надвор некој наш граѓанин, и по Евростат и меѓународни стандарди тој е резидент, односно не спаѓа во групата дијаспора. Самата споредба на базите на податоци ги дава деталите, така што дури и да се случи да се впише граѓанин кој е дома, самиот систем го регистрира дали е дома или не и апсолутно не спаѓа во евиденцијата на попишување, затоа што во моментов се попишува нашата дијаспора, односно тие што живеат надвор повеќе од една година“,
одговори денеска Заев.
Мицкоски: Ова е уште еден циркус на власта, ќе поднесеме закон за поништување на пописот
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, овој проблем со апликацијата за попис на дијаспората го оцени како уште еден циркус на власта и вели дека не се откажуваат од намерата пописот да се поништи.
„Оваа влада не е способна прегорена улична сијалица да смени, а не пак да организира сложена статистичка операција попис. Уште при првиот ден на евидентирање на дијаспората се случи крах на апликацијата, прво системот падна, слично како и училишниот онлајн систем, а потоа во него можеше да се попише кој било со лажни и измислени податоци“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Тој најави дека до 1 април ќе поднесат закон за поништување на пописот, за кој собрале 100 илјади граѓански потписи.
„Не би ме зачудило ако на крај се евидентираат неколку десетици милиони нашинци од дијаспората. Полека но сигурно, пред очи имаме уште еден циркус. Пописот во Македонија е закажан да почне на 1 април. Ова што се случува со евидентирањето на дијаспората е електронски метод, што како методологија го предлагавме ние, но и тогаш и сега баравме тој да започне откако ќе се постават сите заштити на системот. Мојот повик за евидентирање на дијаспората се однесува на регистрирање на државјанствата, и тие не влегуваат во резидентното население. Оттука, треба да престанат сите спинови, подметнувања и манипулации на Владата“,
додава Мицкоски.