Ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, од куќен притвор предмалку беше спроведен во Основниот кривичен суд во Скопје за изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“.


Сместен во полициско комбе, кое беше придружувано од полициски возила, тој излезе зад судската зграда, а оттаму преку споредниот влез во судот, придружуван од поголем број полицајци.



Обвинителството во неделата бараше притвор за Мијалков поради добиени информации дека се подготвува за бегство. Судот, наместо притвор, му изрече куќен притвор со 24-часовен надзор, но во попладневните и вечерните часови во неделата не можеше да го пронајде за да го му го врачи решението.
Надлежните распишаа и меѓународна потерница, неговите блиски беа повикувани во полициска станица за да се добијат сознанија за бегството, но по два дена, во вторникот попладне, ексшефот на УБК сам се пријави во Обвинителството за да го подигне решението.
Неговото оправдување за недостапноста пред камерата на 24 ТВ беше дека имал температура од 40 степени, се изолирал и не знаел дека го бараат. Во вторникот вечерта околу три часа тој се задржа во Обвинителството од каде што беше однесен во домашен притвор, а Обвинителството претходно ја повлече жалбата до Апелација со која бараше куќниот да се замени со затворски притвор.
За појавувањето на Мијалков, власта се пофали дека успеала да го притисне за тој да се пријави.
„Во изминатите 40 часа институциите на Владата предводени од мене, во координација со правосудните органи, спроведовме акција со детални постапки. Беа преземени сите редовни и вонредни мерки. Со акцијата координирав јас и можам да објавам дека Сашо Мијалков немаше друг избор и го стори она што му беше неизбежна опција. Се пријави во Обвинителството за организиран криминал и со тоа е обезбеден неговиот притвор“,
рече Заев во вторникот вечерта.
Од друга страна, опозицијата обвинува дека станува збор за договор помеѓу власта и Мијалков.
Скопско обвинителство, пак, во меѓувреме, отвори предмет поради сомнение за помагање во бегството. Оттаму издадоа повеќе наредби за обезбедување докази од МВР, како што се за видеозаписи од безбедносните камери од повеќе локации, но и листинзи од повеќе телефонски броеви и други податоци од важност за предистражната постапка.