Во оваа прилика Захариева рече дека се прават напори за изнаоѓање начин за испорака на ветените вакцини за Република Северна Македонија, велат од МНР
Акцискиот план за меѓусебна соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија биле меѓу главните теми за разговор на состанокот на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева во Софија.
„На враќање од посетата на Париз, застанав во Софија и се сретнав со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, со која разговаравме за секторска соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија како инструмент кој произлегува од договор за добрососедство веднаш по усогласување на акцискиот план за секторска соработка“,
напиша Османи на својот профил на Фејсбук.
Министерството за надворешни работи соопшти дека на средбата Османи – Захариева биле разгледани и прашањата поврзани со ковид-кризата и начините на кои двете земји остваруваат соработка во справувањето со овие предизивици.
„Во оваа прилика Захариева потврди дека се прават напори за изнаоѓање начин за испорака на ветените вакцини за Република Северна Македонија“,
се наведува во соопштението.
Во соопштението на МНР се додава дека во продолжение на средбата било разговарано за Акцискиот план за меѓусебна соработка и можноста за неговата финализација, во функција на евентуално договарање на втората меѓувладина конференција меѓу двете влади, чии копретседавачи се токму министрите Османи и Захариева.
„Соговорниците изразија задоволство од досегашната соработка и приликата ја искористија и за размена на мислења и за други теми од заеднички интерес за двете страни“,
се додава во соопштението.