Луѓето се враќаат од зимување со докажани инфекции, констатира Кризниот штаб на денешната седница
Скијачките центри се местата каде што се пренесува заразата, констатира денеска Кризниот штаб на Србија, кој денеска на седница ја разгледувал влошената епидемиолошка состојба, иако вакцинацијата е во полн ек.

За в петок е најавена нова седница на која ќе се разгледуваат евентуални мерки кои би биле за викендот.
„Имаше различни ставови, но дојдовме до заеднички став дека мора да се стори нешто за време на викендот, а останува да се искристализира и да се подготви предлог“,
рече членот на Кризниот штаб, главниот српски епидемиолог Предраг Кон на прес-конференција по состанокот.
Како потенцијални жаришта се посочени рестораните и кафулињата, а не самите скијачки терени, но рече дека луѓето се враќаат од зимување со докажани инфекции.

Како следно жариште се угостителските објекти во населените места, но и одлуката дали евентуално ќе се скрати нивното работно време е оставена за в петок.
„Засега нема промена во работното време, но в петок ќе се одлучи што понатаму и ќе се дискутира за тоа. Еден час или два не го решаваат проблемот. Главното прашање е почитување на мерките. Проценката е дека епидемиолошката состојба се влошува и дека контролата треба да се зајакне што е можно повеќе“,
изјави Кон.
Како трето жариште на новиот бран од заразата се сметаат училиштата бидејќи голем број од новзаразените се деца на школска возраст.
„Не се мерките тие што ќе го спречат тоа, тука тоа е и нашето однесување, и секако контролата, но тоа воопшто не е лесна работа“,
посочи Кон и додаде дека во моментов вакцинацијата е апсолутно најважната работа.
Во последните неколку дена, бројот на новоинфицирани лица со коронавирусот во Србија расте, исто како и бројот на пациенти на болничко лекување и на оние со инфекции на дишните патишта.
лекарите предупредуваат дека ако не се воведат построги мерки, можно е да се врати состојбата од декември лани, кога во еден ден имаше по 8 000 заразени.