Од пратеничката група на СДСМ и министерот за здравство објавија дека ВМРО-ДПМНЕ поднела 2 000 амандмани на законот кој би овозможил изградба на нов клинички комплекс во Ѓорче Петров
Министерот за здравство Венко Филипче ја повикува опозицијата во Собранието да го одблокира законот со чие донесување ќе се овозможат активности за изградбата на новиот клинички центар, планиран на локација во Ѓорче Петров.
„Партиските разлики треба да се надминат кога станува збор за здравјето на граѓаните. За изградбата на новиот Клинички центар претходеа дебати со експерти и пратеници, целиот процес е јавен и транспарентен, а новото законско решение е можност со опозицијата заеднички да се направи нешто што е важно за граѓаните. Жалам што со 2 000 амандмани опозицијата го блокираше законот на Комисијата за здравство во Собранието“,
вели Филипче.
Но од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека нема да го поддржат законот за изградба на нивиот објект на Клиничкиот центар. За тоа наведуваат најмалку пет причини:

Прво, треба да е јасно дека за вредност од 500-700 милиони евра, денес ќе дебатиравме за потребата од втор клинички центар и сето тоа ќе беше доколку не го прекинеа проектот Клинички центар Мајка Тереза.
Второ, предлагаат закон за Клинички, а ги немаат решено имотно-правните односи на самото земјиште, не им е отпочната постапката за експропријација. Немаат анализа за потребата од централизација или пак децентрализација на здравствениот систем настаната од корона-епидемијата, немаат проект, немаат испитувања за геомеханиката на земјиштето, ниту за евентуални археолошки наоѓалишта.
Трето, градбата на нов клинички центар вака како што тие го замислуваат и сакаат да го протуркаат претставува извор на корупција. Овој предлог е само една работна верзија на закон. Овој предлог наместо да обезбеди одбирање на најдобрата компанија, стимулира некаква заедница на компании.
Четврто, самата јавна набавка како што ја опишуваат во овој таканаречен предлог закон за реализација на проект нов клинички центар е спорна. Ова е работна верзија на закон, со оваа работна верзија се елиминира конкуренцијата, не се добива најдобриот понудувач туку се стимулира можноста за фиктивни понуди. Дури, постои и однапред можност за однапред договорени фиктивни понуди.
Петто, како заклучок, може да се каже дека ова е само еден проект на популизам што се случува пред избори. Наследија готов проект од ВМРО-ДПМНЕ и наместо да го продолжат и да го реализираат, тие го поништија. Овој проект кои тие го ставија на страна требаше да биде досега реализиран и денеска ќе имавме уште една инфраструктурна единица на располагање во борба со корона епидемијата.
„Ваква пљачка на народните пари и вакво лажење на граѓаните ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи. СДСМ и Владата предводена од оваа партија, продолжуваат со концептот на демонтирање на здравствениот систем.Зајакнувањето на капацитетите на здравствениот систем е приоритет за сите. Тоа зајакнување не треба да се изведе со нетранспарентен процес и закон од само 9 члена, кој не обезбедува никакви детали за тоа што ќе се добие на крајот од проектот“,
изјави денеска на прес-конференција Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче, пак објаснува дека со новиот Клинички центар ќе се овозможи интегриран систем на здравствена услуга, како што е пракса секаде во светот, односно физички една или неколку блока од згради да бидат споени, затоа што на тој начин најбрзо се добива здравствена услуга.

„Претходниот проект беше прекинат од неколку причини.Тоа беше проект кој што не беше вистински Клинички центар, беше само нова зграда за интерни одделенија. Хирургија остануваше стара, кардиологија, педијатрија, инфективни болести, максиофацијална хирургија, Клиниката за онкологија остануваа надвор, од тој нов блок и тука немаше апсолутно никаква логика, а требаше да чини околу 120 милиони евра. Јасно е зошто е избрана локацијата Ѓорче Петров, онаа првична локација во Злокуќани имаше многу приватни парцели и требаше да влеземе во фаза на обештетување кое ќе одземеше многу време, а и многу ќе чинеше“,
објаснува Филипче, изразувајќи очекување дека опозицијата ќе ги повлече амандманите, кои, како што вели, не се конструктивни, туку се поднесени само за законот да не може да помине.
Пратеникот на СДСМ Дарко Каевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ е можеби единствена партија во светот која се противи државата и граѓаните да добијат нов Клинички центар, по цели 80 години.

„Разликата е очигледна. Додека премиерот Зоран Заев отвора и пушта во употреба детски градинки, спортски сали, Мицкоски го блокира пописот и работи против градење на нов Клинички центар. Затоа, Мицкоски е таму каде што е, во длабока опозиција, каде уште долго ќе остане, затоа што не се води од интересите на граѓаните и државата, туку од своите и интересите на раководството во белиот дворец“,
рече Каевски на прес-конференција.