Во овој четиригодишен манда на Владата дефинитивно ќе почне со изградба новиот клинички центар. Ова го тврди министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашното гостување на Канал 5.
„Ние брзо се реорганизиравме и во рамки на тоа дури и сообраќајните проблеми се решија во кругот на Клиничкиот центар, за да се олесни комуникацијата меѓу клиниките, но тоа не е трајно решение, заради тоа што нас ни треба модерна болница, Клинички центар што ќе им служи на граѓаните и во следните 60 до 70 години“,
рече Филипче.
Тој додава дека сега се реновираат и останатите болници по другите градови и напомена дека некои не биле реновирани повеќе од 60 години. Вели дека концептот на ковиот Клинички центар е тој да биде во четири блока, а првиот ќе биде завршен во следните четири години.
„Тоа ќе овозможи дел од сегашните клиники да се преселат и започнат со работа. Има посебен план согласно компатибилноста на клиниките кои треба да се префрлаат и за тоа разговаравме да видиме како тоа би можело да се изведе, а да не се губи време, како ќе бидат следните блокови ќе се празнат и клиниките според таа стратегија“,
рече Филипче.
На прашање кои клиники први би се преселиле, рече дека едни од најкритичните и на кои им треба навистина многу внимание се тие каде има операциони сали и интензивна нега. Значи, појасни, први се хируршките клиники и операционите сали и се што е поврзано со хируршка интервенција.
Во врска со тоа колку ќе чини изградбата на новиот Клинички центар и како ќе се финансира, министерот посочи дека сè уште се работи на моделот на финансирање.
„Проценката е дека ќе чини околу 450 милиони евра, нешто што сметам дека ќе биде одлична инвестиција и одлична финансиска инјекција и за целокупната економија. Веќе се започнати проектите, дел се и завршени на општината Ѓорче Петров за локалната инфраструктура, локален пат, струја, водовод итн. Така што, тоа сметам дека ќе биде навистина значајна инвестиција генерално за нашата економија“,
додаде Филипче.