Овој потег на Мицкоски е само за внатрепартиска употреба и за исполнување на сопствени каприци, реагираат од СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ се пофали дека, во рамки на „акцијата“ што почна вчера, за само три часа се собрани 2,5 пати повеќе од граѓанските 10 000) потписи што би биле потребни за поднесување предлог за поништување на Законот за попис.
„Над 25 000 граѓани за три часа му кажаа ‘не’ на Заев за фалсификат попис.На над 300 пунктови во државата граѓаните масовно излегоа и без страв го кажаа својот став. Граѓаните му ја упатија пораката на Заев. Доколку Зоран Заев има барем малку доблест, по пораката која му ја упатија граѓаните, ќе го повлече Законот за попис“,
се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија велат дека Заев има можност да ја прифати подадената рака од ВМРО-ДПМНЕ и да организира електронски попис. Со спроведување електронски попис, според ВМРО-ДПМНЕ, државата ќе има јасни податоци врз основа на кои ќе може да се прават среднорочни и долгорочни стратегии.
Сепак, иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Законот според кој пописот треба да се одржи во април е неформална и не би можела да има правни последици. Претходно, беше отфрлена иницијативата за собирање 10 илјади потписи во подрачните единици на Министерството за правда, затопа што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во парламентот со старото уставно име на државата.
Од СДСМ, пак, возвраќаат дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со својата деструктивна и, како што се посочува, крајно неодговорна политика да работи против граѓаните и против државата.
„Во време кога државата, по речиси 20 години, се подготвува за попис на населението, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски се обидува да ја закочи и саботира оваа статистичка операција.Иницијативата за собирање партиски потписи против Законот за попис нема да го спречат овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата.Овој потег на Мицкоски е само за внатрепартиска употреба и за исполнување на сопствени каприци“,
се наведува во реакција на СДСМ.