Одлуката да се воведат зелени (за вакцинирани и излекувани) и виолетови (за сите други) беџови предизвика контроверзии и стравувања дека ќе има дискриминација на оние што одлучиле да не бидат вакцинирани
Светскиот лидер според бројот на вакцинирани против коронавирус – Израел претстави план за воведување ковид-значки, така што оние што се вакцинирани или излекувани од коронавирусот ќе можат да јадат во ресторани, да одат на концерти или во спортски сали.
Одлуката на Израел да воведе зелени (за вакцинирани и излекувани) и виолетови (за сите други) беџови предизвика контроверзии и стравувања дека ќе има дискриминација на оние што одлучиле да не бидат вакцинирани.
Земјата со околу девет милиони жители имунизираше повеќе од четири милиони свои граѓани со вакцината на „Фајзер“. Повеќе од 2,6 милиони од нив веќе ја примиле втората доза на вакцината.
Со висок процент на вакцинирана популација, властите планираат од недела постепено да ги отвораат спортските сали, музеите, трговските центри, рестораните и кафулињата, но тоа нема да важи за сите.
Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху најави дека наскоро ќе го укине карантинот и ќе ги отвори долго затворените институции и услужни активности, како што се ресторани или базени.
Сепак, привилегијата да јадат во ресторан нема да ја уживаат сите, туку само оние што добиле две дози од вакцината и зелена значка како доказ за тоа. Значката ќе им биде дадена и на оние што оздравеле од вирусот, а сите „сопственици“ на беџот ќе можат да одат во спортски сали, да посетуваат културни настани, верски објекти и хотели.
Виолетови значки ќе значат дека луѓето или не примиле вакцина или примиле само една доза.
„Одиме кон претпазливо отворање според принципот ‘вие сте вакцинирани – може да влезете’“,
рече министерот за одбрана Бени Ганц.
Некои институции, како што се трговски центри или музеи, ќе бидат отворени во недела за сите граѓани, без оглед дали имаат зелена или виолетова значка, но со почитување на епидемиолошките мерки.
Покрај беџовите, ревакцинираните Израелци можат да добијат и „зелен пасош“, кој им овозможува повторно да влезат во земјата откако ќе патуваат во странство, без да поминат низ карантин, но сепак ќе биде потребен негативен тест за ковид-19.
Иако многу земји, богати и сиромашни, имаат проблеми со програмата за вакцинација на својата популација, Израел ги набави вакцините против ковид благодарение на договорот со „Фајзер“, со кој се согласува дека ќе ги сподели податоците за ефикасноста на вакцините со компанијата. Израелско истражување спроведено на 600 000 од оние што примиле две дози од вакцината на „Фејзер“ покажало дека вакцината е 94% ефикасна во ублажувањето на инфекцијата.
Овие резултати ја охрабрија владата повторно да ја отвори земјата и да ја избегне ланската грешка кога брзото отворање доведе до скок во нови случаи и подолги, економски затворања.
Хагаи Левин, професор по јавно здравје и истражувач на Универзитетот во Ерусалим, смета дека планот на Израел за повторно отворање на земјата бара „деликатна рамнотежа“ помеѓу јавните здравствени потреби и индивидуалните слободи.
„Луѓето имаат право да не се вакцинираат. Сметам дека луѓето треба да бидат вакцинирани, но не можете да ги принудите на тоа“,
рече Левин за Франс прес и додаде дека оние што ќе изберат да не ја примат вакцината ризикуваат да им биде забранет пристап до одредени услуги.
Левин, исто така, истакна дека програмата за вакцинација е политичко прашање и обид на Нетанјаху да собере доволно поддршка за изборите на 23 март.
Начинот на кој Нетанјаху реагираше на пандемијата на коронавирусот предизвика критики, особено по одлуката за отворање на земјата прерано, веднаш по првиот бран на пандемијата.
Тој неодамна повторно се најде на удар на критики за тоа што не ги казни ултраортодоксните Евреи – неговите главни политички сојузници – кои отворено го кршеа карантинот.
Премиерот се надева дека успешната кампања за вакцинација ќе му помогне да ја задржи власта, иако анкетите покажуваат дека ќе биде тешко да собере мнозинство.
Левин смета дека иницијативата за зелена значка и економските придобивки што ќе ги донесе се обид на Нетанјаху да биде реизбран.
„Започнувањето таква иницијатива без вистинска јавна едукативна кампања, помалку од шест недели пред изборите, создава ризик дека тоа нема да се направи професионално и ќе ги принуди луѓето да се вакцинираат, иако можеби не сакаат“,
предупреди Левин.