Како причина за оставката тој го посочил изборниот резултат, кој го оцени како многу лош и посочи дека лично има дел од одговорноста за тоа
Иса Мустафа поднесе оставка од позицијата претседател на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на денешниот состанок на раководството на партијата – ден по изборите во земјата.
Како што пренесуваат косовските медиуми, како причина за оставката тој го посочил изборниот резултат, кој го оцени како многу лош и посочи дека тој лично има дел од одговорноста за тоа.
Мустафа изјави потоа дека неуспехот на ЛДК не е очекуван и дека ништо не укажувало на тоа пред изборите.
Сепак, гласот на граѓаните е тој што се почитува. Како знак на почит кон нивниот глас и отворање на патот за реорганизација на ЛДК, денес го информирав претседателството дека ќе го свикам Собранието за избор на нов претседател на ЛДК. Имам објективна одговорност како претседател на партијата. Сакам да го зачувам ЛДК, да зајакне и да се врати како политичка сила што ѝ треба на земјата,“
рече Мустафа.
На вчерашните избори ЛДК претрпи тежок пораз, а според првичните резултати освои само 13,08 проценти или 102 959 гласа, што е речиси 100 000 помалку отколку на изборите во октомври 2019 година.
Според косовската ЦИК, ЛДК, исто така, претрпел тежок порази и во општините, не победувајќи во ниту една косовска локална самоуправа.
Од 2010 година, откако Мустафа го презеде раководството на партијата, ЛДК не победи на ниту едни парламентарни избори, а во меѓувреме ја загуби и Приштина, каде што беше градоначалник од 1999 година.
Според досега обработените резултати во ЦИК, движењето Самоопределување на Албин Курти е убедлив победник на вчерашните парламентарни избори, со освоени 376 933 гласа, или 47,88 проценти од излезените гласачи. На второ место е Демократската партија на Косово, која во моментов има 136 681 глас или 17,36 проценти.