Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведува нов вонреден инспекциски надзор во Струга.
Засега нема официјална потврда кои се причините, но неофицијално се проверуваат сомнежи за уште една дива гинеколошка ординација.
Од ДСЗИ за „360 степени“ потврдуваат дека има вонреден надзор, но не откриваат детали за што станува збор.
„Вонредниот инспекциски надзор на ДСЗИ во Струга е сè уште во тек. По неговото завршување, ќе бидете информирани“,
велат од Инспекторатот.
Доколку се утврди дека станува збор за дива домашна ординација, ова нема да биде прв ваков случај во Струга.
Минатиот месец беше откриена домашна ординација на директорот на струшката болница Мухамед Асани, во која тој прегледувал пациентки. Беше утврдено дека директорот гинеколог дома има комплетно опремена гинеколошка ординација која не е регистрирана, нема дозвола за работа ниту документи за основање фирма. За случајот до ДСЗИ имаше пристигнато и четири изјави од пациентки заверени на нотар, кои потврдуваат дека докторот во ординацијата сместена во неговиот дом им вршел прегледи по 15 часот. Една од пациентките во изјавата посочува дека во истата ординација докторот ја контролирал нејзината бременост уште пред осум години.
За предметот беше поведена иницијатива до обвинителството, а директорот беше повикан на разговор во Владата, но досега нема информации дека е разрешен.