Премиерот изјави дека е добро што Мицкоски се согласува етничката припадност да стои во личните карти, ама дека тоа е залудно кога опозицијата ги блокира законите преку непочитување на уставното име на државата
Премиер Зоран Заев денеска изрази задоволство што ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува измените на Законот за лични карти, за во нив да стои и етничката определба, но во исто време и жали што, како што рече, опозицијата преку непочитувањето на Уставот и уставното име на државата се обидува на кој било начин да изнајде пречки и нови причини за блокирање на вакви законски решенија.
„СДСМ го кажа својот став во однос на тоа во личните карти да има етничка определба уште при донесување на уставните промени и тоа беше владин став во тоа време. Дефинитивно, ние сме мутлтиетничко општество каде што покрај државјанството македонско/граѓани на РСМ, граѓаните се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби… сите етнички заедници што ги има во државата, и немаме проблем во документ за лична идентификација да го има тоа право“,
изјави денеска Заев.
Во однос на предлог-законот што го поднесе владејачката Беса, премиерот потврди дека веќе се одржале состаноци и дека има подготвеност за имплементација на ова законско решение.
Станува збор за договор што владата на Заев го постигна со Беса додека партијата беше во опозиција (во минатиот собраниски состав), ама даде поддршка за уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор.
Во однос на коментарите на Мицкоски дека Заев се крие зад Левица, која поднесе многу амандмани, со цел да не се донесе тој закон, премиерот рече дека СДСМ е транспарентен и јавно ги соопштува и аргументира своите ставови.
„Ниту имаме ниту ќе имаме каква било причина да се криеме зад некојси опозициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, во случајот Левица, или која било друга политичка партија“,
изјави Заев.
Мицкоски пред неколку дена рече дека нема проблем во личната карта да стои неговата етничка определба дека е Македонец и го обвини Заев дека соработува со Левица за да се испроблематизира донесувањето на измените на Законот за лични карти.
„Не гледам проблем во тоа во личната карта да стои дека сум Македонец. За жал, има и такви парламентарни партии кои отстрана му служат на Зоран Заев и се обидуваат да го спречат сето тоа. Не гледам причина зошто во мојата лична карта да не стои мојата национална, етничка определба дека сум Македонец, а некој тоа сака да го спречи“,
истакна Мицкоски.