Пазарџиите од Зелениот пазар во Скопје изутрината излегоа на двочасовен протест поради поскапувањето на паркингот во Општината Центар. Велат дека со цена од 70 денари за еден час паркирање им се нарушува и онака слабиот промет на пазарот.
„Бараме надлежните органи да ги намалат цените за да може да опстанеме. Со овие цени на паркингот ние пропаѓаме. Бараме првиот час да биде бесплатен за купувачите. Никој нема да купува кај нас со цена на паркинг од 70 денари“,
вели Мирсад Ѓураковиќ, пазарџија.
„Го покачија 70 денари од час, а ни кажаа дека е дваесет отсто зголемување, што би значело поскапување од само 8 денари, а не за цели 30 денари“,
изјави Беким Алија, пазарџија.
Пазарџиите велат дека доколку нема слух од Општината и Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“, протестите ќе продолжат.
Општина Центар донесе одлука од 8 јануари да поскапи паркингот на паркиралиштата на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ за 20 денари за еден час. Одлуката е донесена на последната седница на Советот на Општина Центар во 2019 година и „за“ гласаа сите советници.
Паркирањето се наплаќа по нов ценовник од 8 јануари. За еден час се плаќа 50, 60 и 70 денари, во зависност од зоната. Општина Центар претходно соопшти дека одлуката е донесена за да им се овозможи похумано живеење на жителите на општината со тоа што би се намалил бројот на паркирани возила во централното градско подрачје.
Поскапувањето се однесува само на паркирањето на час. Цената на месечната и на дневната карта останува иста.
*поврзана вест: ПОЦ: Пазарџиите од Зелен пазар го злоупотребуваат паркингот
*поврзана вест: Поскапува паркирањето во Центар