Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) вели дека поскапувањето на паркингот во Општина Центар е со цел да се регулира и реши проблемот со паркирањето на територија на Општината, при што приоритет за паркирање имаат жителите. Реакцијата на ПОЦ доаѓа откако изутрината пазарџиите од Зелен пазар со двочасовна блокада протестираа поради поскапувањето на цената за паркирање.
„Пазарџиите кои редовно секоја година добиваа повластена паркинг-карта за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили, тие истите ги користеа за тешки товарни возила за кои ПОЦ, согласно одлуката на Општина Центар каде што е дозволено товарните возила да вршат дотур на стока до 7 часот, веќе им овозможи бесплатен дотур на стока од 5 до 7 часот на ова паркиралиште. Затоа, ЈП ‘Паркинзи на Општина Центар’ ќе ги раскине договорите за паркинг на сите оние што ќе вршат ваков вид злоупотреба. Со воведувањето на овие мерки ЈП ‘Паркинзи на Општина Центар’ ќе стави крај на неправилностите што се случуваа години наназад и ќе направи ред во паркирањето давајќи им приоритет на жителите што живеат во опфатот на паркиралиштето ‘Аутомакедонија’, кои заради сите овие злоупотреби не можат да го користат паркиралиштето во близина на своите домови бидејќи секојдневно се соочуваат со неподнослив проблем со паркирањето“,
реагираат од ПОЦ.
Оттаму сметаат дека решението на проблемот треба да се бара во „Скопски пазар“ кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги.
Од друга страна, пазарџиите обвинуваат дека со зголемувањето на цената на паркингот им се нарушува и онака слабиот промет на пазарот.
Паркирањето се наплаќа по нов ценовник од 8 јануари. За еден час се плаќа 50, 60 и 70 денари, во зависност од зоната. Општина Центар претходно соопшти дека одлуката е донесена за да им се овозможи похумано живеење на жителите на општината со тоа што би се намалил бројот на паркирани возила во централното градско подрачје. Поскапувањето се однесува само на паркирањето на час. Цената на месечната и на дневната карта останува иста. Одлуката е донесена на последната седница на Советот на Општина Центар во 2019 година и „за“ гласаа сите советници.
*поврзана вест: (ВИДЕО) Пазарџиите од Зелен пазар протестираат против поскапувањето на паркингот
*поврзана вест: Поскапува паркирањето во Центар