Според директорот на партискиот Патриотски институт, иницијативата за вонреден конгрес не е ниту правна ниту статутарна, така што иницијаторите, како што вели, ќе си прават приватна забава
Тоа се луѓе, односно група на партиски отпадници, кои имале криминални дејанија и се под диригентска палка и одработуваат за Зоран Заев, рече Александар Пандов, директор на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното гостување на Канал 5, говорејќи за најавата на Иницијативниот одбор за одржување вонреден конгрес на опозициската партија, на крајот на март.
„Тоа е една група партиски отпадници, луѓе кои ги уживале сите погодности и бенефити што може да ги донесе политиката и политичката партија, која била, на крајот од денот, а во дадениот случај ВМРО – ДПМНЕ. Тоа се луѓе кои претпоставувам не мал дел од нив, да не именувам овој или оној, кои во минатото, кога биле на функции имале криминални дејанија. Оттука, тврдам дека единствен повод и мотив за, во овој период, да го прават тоа што го прават е тоа што се под диригентската палка на Зоран Заев и одработуваат за него“,
рече Пандов.
Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ соопшти денеска дека закажал конгрес на 28 март во Скопје. Како главни точки на конгресот Иницијативниот одбор ги најавува отчет за сработеното на Христијан Мицкоски, како и гласање доверба на партиското раководство.
На прашање дали е проблем да се одржи конгрес и да се провери довербата, Пандов вели дека апсолутно е проблем, затоа што самиот чин на организирање конгрес не е мала работа.
„Колку што сум во тек, и самата партија веќе почнува со подготовка на конгрес, бидејќи редовниот е во ноември или декември. И има многу работа околу тоа да се организира конгрес. И сите структури на партијата, сите тела на партијата се сконцентрирани само кон една и единствена цел како да се разобличи до кај оваа штетна политика што ја води Зоран Заев и да се добијат предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори. За жал, постојат луѓе како оваа група кои не ги гледаат Зоран Заев и СДСМ како проблем, туку го гледаат Христијан Мицкоски, раководството и ВМРО-ДПМНЕ“,
вели Пандов.
Според него, иницијативата за вонреден конгрес не е ниту правна ниту статутарна, така што иницијаторите, според него, ќе си прават приватна забава.