Договорот за набавка на 200 илјади вакцини против ковид-19 од кинеските прозводители ќе биде потпишан во понедленик, по што се очекува во најкраток можен рок тие да пристигнат во земјава.
Ова го соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција на која информираше за процесот на имунизација.
Филипче посочи дека во текот на вчерашниот ден Владата на затворена седница го усвоила Договорот за набаква на вакцини од Кина и го задолжила Министерството за здравство да го потпише.
„Ние ќе го потпишеме договорот во понеделник, по што се надевам дека за најкраток можен временски рок вакцините ќе стигнат во земјава. Ние интензивно работиме и на обезбедување на соодветен начин на транспорт. Тоа значи дека станува збор за 200 илјади вакцини, како што веќе најавивме“,
рече Филипче.
Министерот истакна дека во текот на изминатите денови е адаптиран и националниот план за имунизација.
Според најавите, во земјава најбрзо би требало да пристигнат вакцините од Кина, а во март се очекува да пристигне и вакцината на „Астра Зенека“ преку КОВАКС-механизмот.
Во однос на вакцините на „Фајзер/Бионтек“, Филипче рече дека се допрецизираа договорите за посебната набавка и за набавката на вакцините од овој производител кои треба да пристигнат од Србија.