Во врска со написите на социјалните мрежи дека од второ одделение ќе се воведувало сеопфатно сексуално образование (ССО), министерката за образование и наука Мила Царовска и денеска вели дека станува збор за лажна вест.
Таа денеска во Штип на дебата за реформи во средното стручно образование, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека предмет сексуално образование во второ одделение нема да има.
„Многу е интересно што дебатите ги водат луѓе коишто во континуитет во нашата држава шират лажни вести. Токму затоа ги поттикнувам граѓаните да ги следат официјалните канали на Владата и на Министерството, и да донесуваат одлуки. Ако се сеќавате. истите тие кажуваа дека во Источниот регион ќе се населат 120 илјади мигранти, се сеќавате како пропадна таа лажна вест, па после тоа имаше нешто со 5Г врапчињата итн., па следната лажна вест беше дека се укинува историја, па следната лажна вест беше дека се укинува македонски јазик. Истите тие луѓе денес зборуваат дека ќе имаме сексуално образование во второ одделение користејќи снимки, слики од сосема други држави, коишто се во регионот и пред неколку години направиле такво воведување, а во нашата држава тоа не е вистина“,
рече Царовска.
Од Министерството за образование и наука уште вчера реагираат на написите од групата „Од нас за нас“ која на социјалните мрежи споделуваа илустрации од учебници од други држави и материјали кои не се дел од овој образовен систем.
„Категорично ги демантираме невистините проширени од фејсбук-групата „Од нас за нас“ на социјалните медиуми, а пренесени од дел од порталите, за наводни содржини во учебници за второ одделение за изучување на сексуалното образование. Веста е целосно лажна, а користените илустрации воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем“,
реагираа од МОН.