МОН бара одговорност за објавите на социјалните мрежи за наводни содржини во учебници за второ одделение за изучување на сексуалното образование, кои како што велат, се тенденциозни, со намера да шират паника и да ја манипулураат јавноста
За лажни вести поврзани со сексуалното образование, алармираше и Ирена Цветковиќ од Коалиција „Маргини“ која откако за тоа реагираше на нејзиниот профил на „Фејсбук“ беше мета на говор на омраза
По социјалните мрежи се шират лажни вести поврзани со сексуалното образование, реагираат од Министерството за образование и наука во соопштение до јавноста.
„Категорично ги демантираме невистините проширени од Фејсбук групата „Од нас за нас“ на социјалните медиуми, а пренесени од дел од порталите, за наводни содржини во учебници за второ одделение за изучување на сексуалното обарзование. Веста е целосно лажна, а користените илустрации воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем“,
велат од МОН.
Во соопштението, МОН ги повикува граѓаните да не подлегнуваат на непроверени информации затоа што, како што велат со истите се нанесува директна штета на Министерството за образование и наука, како и на целиот образовен систем.
„Прикажаните текстови и илустрации кои се прилепуваат на делови од Концепцијата не се извадени од наставни материјали предвидени за нашата земја. Бараме одговорност за лажните вести кои се тенденциозни, со намера да шират паника и да ја манипулураат јавноста, а за постигање на цели кои немаат никаква допирна точка со унапредување на образованието“,
велат од МОН.
За лажни вести поврзани со сексуалното образование, алармираше и Ирена Цветковиќ од Коалиција „Маргини“ која откако за тоа реагираше на нејзиниот профил на „Фејсбук“ беше мета на говор на омраза.
„На социјалните мрежи се шири лажна вест дека сеппфатното сексуално образование се воведува во 2ро одделение за сите деца задолжително. Откако укажав на еден пост дека веста е лажна и има за цел да шири паника и лаги и дека ССО се воведува во 4 пилот училишта како ИЗБОРЕН предмет во 8мо и 9то одделение, почнав да го добивам овој хејт, навреди и сексизсм. И како после да се дебатира? Со кого да се дебатираат реформите? Со овие што немаат капацитет да разберат наједноставна работа- лагата не е факт“,
напиша таа на својот профил на „Фејсбук“.
Инаку, за пилот-програмата за сексуално образование, на крајот од минатата година почна обуката на наставници. Проектот првично ќе се спроведува во четири училишта во Скопје и Тетово, во урбана и рурална средина.
Од МОН сметаат дека воведувањето сеопфатно сексуално образование во основните училишта, ќе значи унапредување на родовата еднаквост, инклузивноста и толеранцијата, но и превенција од сексуалното вознемирување и насилството.
Во процесот на воведување на сеопфатни сексуално образование е вклучено Бирото за развој на образованието, граѓанската организација ХЕРА, како и меѓународни организациии – УНЕСКО, УНДП, СЗО, УНФПА – Фонд за население на ООН.