Од владиниот кабинет сметаат дека една од причините за лошото рангирање е тоа што граѓаните очекуваа драстична промена во правосудството, но теренот покажа дека коруптивните инсталации на претходното режимско владеење продреле до најситните пори на институциите
Владата е цврсто решена да ги промени сликата и перцепцијата во борбата против корупцијата и тоа е еден од главните приоритети на „Акција 21 – европски стандарди дома“.
Вака реагираат од Владата по објавувањето на извештајот на „Транспаренси интернешнл“, според кој С Македонија е на 111. место на рангирањето за индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година, заедно со БиХ, Монголија и Панама. Тоа е најлошо рангирање од 2001 година откога земјава првпат беше ставена на ранг-листата.
„За борба против криминал и корупција потребни се независно обвинителство и независни судски органи. Владата ги обезбеди сите услови за реформа во правосудството и со право очекуваме резултат“,
се наведува во соопштението на Владата.
Од „Илинденска“ изразуваат уверување дека перцепцијата на граѓаните за степенот на корупција ќе се менува со секоја следна судска одлука и со секоја следна фаза од ветингот.
„Без разлика што намалувањето на перцепцијата за корупцијата е процес побавен од фактичкото намалување, уверуваме дека ќе се менува перцепцијата кај граѓаните -п со секоја следна судска одлука, со секоја следна фаза од прочистувањето кое започна и кое покажува видливи резултати. За алармот кој доаѓа од последниот извештај на ‘Транспаренси интернешнл’ сме свесни и укажуваме дека ништо нема да ги поколеба институциите кои стојат во првите борбени редови против корупцијата. Владата и граѓаните се на иста страна кога станува збор за борба против корупцијата“,
велат од Владата.
Оттаму толкуваат дека последното рангирање на „Транспаренси интернешнл“ покажува и дека земјата го има истиот број поени како и во претходниот извештај, што е, како што велат, показател дека нема назадување во процесите.
„Би сакале да потенцираме дека станува збор за Индекс за перцепција на корупцијата. Во таа насока, важно е да се потенцира дека оваа алатка на ‘Транспаренси интернешнл’ не говори за тоа дали корупцијата фактички пораснала, туку за тоа што граѓаните го мислат во врска со корупцијата, што секако е од огромна важност“,
се наведува во соопштението.
- Владата смета дека перцепцијата на граѓаните дека корупцијата е зголемена е резултат на неколку фактори:
- Граѓаните очекуваа драстична промена во правосудството, но теренот покажа дека коруптивните инсталации на претходното режимско владеење продреле до најситните пори на институциите;
- Државата сѐ уште е во процес на градење на колективна свест за штетното и разорно дејство на корупцијата, но ситното подмитување (активно и пасивно) тешко се искоренува;
- Медиумите се слободни и може да се известува и се известува за случаи за кои порано ретко или никогаш не се слушало;
- На политичката сцена, најголемата опозициска партија сѐ уште дејствува против владините политики за обезбедување правна држава, а противењето да се даде поддршка на Законот за јавно обвинителство е еден од тие примери со кои ВМРО-ДПМНЕ практично застана против разрешница на предметите во кои се гонат лица осомничени за висока корупција.
Во владиното соопштение на крајот се посочува и на мерките што ќе се преземат за надминување на сликата за борба против корупцијата.
„Истакнуваме дека оваа година ќе се продолжи имплементацијата на препораките од ГРЕКО. Во првата половина на годинава, во соработка со УСАИД ќе се спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници. Тоа ќе придонесе за воочување на евентуалните слабости во поединечните сектори, а со тоа ќе се превенира и корупцијата навремено. Тестот ќе покаже кои сектори се најризични во поглед на корупција, способноста за менаџирање на кризни ситуации од страна на функционерите. Така ќе се овозможи соодветно алоцирање на ресурсите, зајакнување на капацитетот на институциите, обезбедување на поефикасни и навремени услуги кон граѓаните“,
се наведува во соопштението.
Исто така, се посочува дека е почнат процесот за целосно воспоставување на проектот за интероперабилност меѓу антикорупциските институции кои одговараат пред Владата. Преку овој проект ќе се овозможи безбедна и ефикасна размена на податоци за предмети поврзани со корупција, по електронски пат. На тој начин ќе имаме брзи и ефикасни резултати во решавањето на случаите за кои постои сомнеж за корупција. Никој нема да смее да затајува и забавува случаи, каде има сомнежи за корупција.
„Ќе се работи на екипирање и дигитализација на истражните центри во Јавното обвинителство, што ќе придонесе во борбата против корупцијата и криминалот преку брзо решавање на предметите. Сега, од 23 основни јавни обвинителства во државата, само четири имаат истражни центри кои, иако се оперативни, ги немаат потребните капацитети, не се екипирани ниту, пак, дигитализирани“,
велат од Владата.