На едно од рочиштата закажани за наредната недела се очекува во судница да се појави и експретседателот Ѓорге Иванов
Во овие два месеца Миле Јанакиески има повеќе закажани судења отколку рочишта.
Со оваа констатација од адвокатите и барање да се редуцираат судските рочишта, започна денешното рочиште за предметот за организацијата на настаните од 27 април 2017 година, каде што ексминистерот е меѓу четворица обвинети.
Тој и денеска прво беше на друго рочиште за случајот „Траекторија“, по што дојде во судницата за случајот „27 април“, каде што дојдоа и 14 сведоци предложени од одбраната на ексминистерот Спиро Ристовски, кој исто така е меѓу обвинетите.
Раководителот на секторот за односи за јавност во Министерството за образование и наука (МОН) и шефицата на кабинетот на Ристовски од времето кога тој беше заменик-министер, беа меѓу првите сведоци. Раскажуваа кои биле неговите активности од тој период и каква комуникација имале критичниот ден, но ниту еден од нив не спомена некакви активности околу организација на протестите.
Сведочеа и тогашните претседатели на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево и на месниот комитет на партијата во Трубарево, кои, како што можеше да се слушне и од многубројни други сведоци, рекоа дека во партијата немале официјален став за протестите, дека партијата не ги организирала и секој сам одлучувал дали ќе излезе на протест.
Како сведок се појави и поранешниот заменик-министер за земјоделство Зоран Коњаноски, а меѓу прашањата на кои одговараше беше и за вибер-групите, за кои рече дека не знае за некоја во која тема биле протестите. Коњаноски во тој период немал партиски функции, а сведочеше дека немал ниту Спиро Ристовски.
„Спиро Ристовски немаше партиски функции зошто според мое мислење порано беше член на ВМРО-НП и тоа му беше политичка дамка“,
рече Коњаноски.
Токму за оваа околност беа и прашањата на обвинителката Вилма Русковска.
„Рековте дека Спиро Ристовски не бил член затоа што како поранешен член на ВМРО-НП имал дамка. Ќе се согласите ли дека таква дамка немал кога бил назначен во повеќе наврати за министер и заменик-министер во владите на ВМРО-ДПМНЕ?“,
праша обвинителката.
Одбраната на ексминистерот, пак, реагираше дека е ирелевалтно за предметот дали бил министер во владите.
„Па пола кабинет го донесоа тука да сведочи, како е ирелевантно дали бил или не бил министер?“,
возврати Русковска.
Ова не е првпат обвинителката да коментира за листата на сведоци на одбраната.
И на минатото рочиште таа реагираше дека се повикуваат многу сведоци за една иста околност и обвини дека се злоупотребува правото на одбрана.
Адвокатите тогаш ѝ вратија дека повикуваат толку сведоци бидејќи обвинението е општо.
На крајот на денешното рочиште, адвокатите сепак најавија дека ќе повлечат повеќе од предложените сведоци, додека останатите ќе ги задржат. Меѓу тие што ќе ги задржат е и експретседателот Ѓорге Иванов, чие појавување во судница се очекува да биде на едно од рочиштата закажани за наредната недела.
Покрај двајцата ексминистри обвинети, во случајот за организација на 27 април се и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и ексдиректор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе им бидат достапни на органите.