„За“ гласаа и 26 пратеници од вкупно 41 од немнозинските заедници, а опозицијата не присуствуваше
Насер Зибери вечерва е избран за нов народен правобранител. „За“ гласаа 61 пратеник од вкупниот број пратеници во Собранието, како и 26 од 41 пратеник од заедниците кои не се мнозинство. На гласањето не присуствуваа опозициските пратеници. Зибери на функцијата ќе го наследи Иџет Мемети.
Опозицијата бараше изборот на Зибери да не се тргне од дневен ред, посочувајќи дека за неговиот избор најспорно е што тој шест месеци беше кандидат за премиер од партијата ДУИ која сега го предложи за функцијата.
Тие ова го нарекоа „пазарење, со кое владејачката партија му враќа на Зибери за неговата услуга да прифати кандидатура за прв премиер Албанец“ на изборите пред шест месеци и побараа повлекување на предлогот зашто сметаат дека е контрадикторен и неморален, бидејќи народен правобранител треба да е аполитична личност.
Со партискиот бекграунд, смета опозицијата, кандидатот ќе нема целосна доверба од јавноста и нема да ги штити интересите на граѓаните кога ќе бараат заштита од државни и јавни институции коишто ги раководат функционери и од ДУИ.
Алтернатива: ДУИ ја компромитира и последната надежна институција
Хусни Исмаили од Алтернатива рече дека со овој предлог се жртвува правдата и иднината на граѓаните и ги обвини ДУИ дека ја компромотира последната надежна инстутуција. Од Зибери побара да се откаже од оваа кандидатура „за да не му остане дамка во кариерата“.
„Го прошетаа во јулските денови по села и градови, ги издража сите страдања зашто математиката и договорот беа други и дојде денот да се награди за трудот. Осум години народен правобранител и после да се пензонира. Лично не го познавам, но жалам што кариерата ќе ја затвори со вакви пазарења. Тој секогаш ќе биде заложник на тие што го ставиле на должноста и ова е лоша порака“,
рече Исмаили.
Повлекување на предлогот побараа Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците и неговиот сопартиец Халил Снопче, според кој во член 3 од Законот за Народен правобранител е наведено дека кандидатот треба да е независен, а тоа што само пред половина година бил партиски кандидат за премиер рече е уште еден парадокс во нелогичните феномени во државава.
Од ДУИ го бранеа предлогот со укажување дека Насер Зибери ги исполнил условите и дека за кандидат за народен правобранител никаде не е наведено дека не може да се кандидира за премиер.
Гордана Силјанова-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ го нарече „многу чуден предлог“ со кој не му се прави добро ниту на кандидатот и неговата кариера. Од Рим до денеска, рече таа, народен правобранител е аполитична функција и не е важно дали имал пауза во политичкиот живот кога веќе бил министер, пратеник и кандидат за премиер.
„Неприродно е довчерашниот политички статус да се трансформира во граѓански, неутрален и професонален и статус кој треба да им служи на граѓаните да ги штити од лошата администрација. Нема да ги штити некој кој преку партискиот мост постојано ќе биде блиску до администрацијата, а извештаите за нашата администрација велат дека е партизирана, политизирана и поданичка. Ако сте партиски човек, ќе одите по таа траекторија“,
рече Силјановска-Давкова.