Дека е потребна реформа се согласни и од ВМРО-ДПМНЕ, но оттаму не се согласуваат со замислите на власта, a вчера испратија уште еден повик за јавна дебата во Собранието
Новата концепција за основното образование ќе значи нова ера на развој, порачува министерката за образование и наука, Мила Царовска во нејзиното обраќање по повод 24 јануари – Меѓународниот ден на образованието.
Планираните реформи, уверува таа, ќе го подобрат квалитетот на образованието на децата.
„Остануваме посветени и вложуваме во подобри услови и во нови образовни програми, со кои ќе ги поттикнеме најмладите критички да размислуваат и да фатат чекор со нивните врсници од најразвиените земји. Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата. Правото на образование е основно човеково право, а квалитетното образование е основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина“,
вели Царовска.
Новата концепција за образованието, МОН ја презентираше на 23 декември 2020 и таа предвидува интегрирање на неколку предмети во два: природни и општествени науки.
Дека е потребна реформа се согласни и од ВМРО-ДПМНЕ, но оттаму не се согласуваат со замислите на власта. Вчера од партијата испратија уште еден повик за јавна дебата во Собранието бидејќи критикуваат дека од ресорното министерство нема подготвеност за дијалог и спремност да се слушнат аргументите од која било друга страна.
„Лично верувам, дека мнозинството граѓани би се согласиле со ставот дека е потребна реформа на основното образование. Сепак постои дилема, дали патеката, пристапот и методологијата одбрани од страна на Министерството за образование и наука е правилна. Затоа е исклучително важно ова прашање да биде предмет на јавна расправа во Собранието во текот на која ќе имаат можност да се вклучат и еминентни претставници на академската заедница, експерти, а пред сè и засегнатите страни како што се наставниците кои најнепосредно ќе бидат вклучени во реализацијата на евентуално прифатениот нов концепт“,
изјави пратеникот Тимчо Муцунски.
Едни од последните кои дадоа мислење за реформите во образованието беа и претставници на МАНУ со кои министерката Царовска одржа средба во петокот. Тие порачаа дека реформата во основното образование треба да се поддржи и е неопходна што побргу зашто се работи за најзначајно прашање кое е база на целиот образовен систем.