Досега загинаа 45 лица, повеќе од 820 лица се повредени, а околу 15 000 се евакуирани
Уништени се над 300 домови и два хотели, додека болницата и канцеларијата на гувернерот се сраменти со земја
Спасувачките екипи денеска продолжија да трагаат по луѓето заробени под урнатините на индонезискиот остров Сулавеси, по разорниот земјотрес вчера, во кој досега загинаа најмалку 45 лица, стотици се повредени и илјадници ја напуштија областа, која денеска беше погодена од уште еден силен потрес.
Индонезиската агенција за ублажување на катастрофи соопшти дека земјотресот од 5 степени според Рихтер утрово не предизвикал големи штети во окрузите Мамуја и Маена во западен Сулавеси, еден ден откако областа беше погодена од потрес со јачина од 6,2 степени.
Шефот на агенцијата, Дони Монардо, за тамошните медиуми изјави дека продолжува потрагата по оние кои се заробени под урнатините.
Повеќе од 820 лица се повредени, а околу 15 000 се евакуирани, соопшти агенцијата. Некои побарале засолниште во планините, додека други во преполните центри за евакуација.

Земјотресот вчера и последователните земјотреси оштетија повеќе од 300 домови и два хотели, а болницата и канцеларијата на регионалниот гувернер целосно се урнаа, при што има затрупани луѓе под урнатините.
Од Агенцијата за спасување велат дека потрагата ќе се насочи кон хотелите, додека Индонезиската агенција за метеорологија и геофизика, денеска за една локална телевизија предупреди на можен нов земјотрес со јачина и до 7 степени и ги предупреди жителите да се држат настрана од крајбрежјето поради ризик од цунами.

Индонезија е во сеизмичката област на Пацифичкиот огнен прстен. Во 2018 година, во разорниот земјотрес со јачина од 6,2 степени по Рихтер и последователното цунами што го погоди градот Палу, Сулавеси, загинаа илјадници луѓе.