Силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди островот Сулавеси во Индонезија, при што се проценува дека досега загинале најмалку 30 лица
Најмалку 30 лица загинаа, стотици се повредени, додека неколку згради, вклучително и болница, се урнаа од силниот земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, кој денеска го погоди островот Сулавеси во Индонезија, пренесуваат светските медиуми.
„Болницата е уништена. Под урнатините има затрупани пациенти и персонал, работиме на тоа да ги извлечеме“,
изјави за Франс-прес Аријанто, водачот на спасувачкиот тим во градот Мамују.
Според негова процена, меѓу 10 и 20 лица се наоѓаат под урнатините, но не може со сигурност да каже дали се живи.
Би-би-си објави дека досега има најмалку 30 жртви во земјотресот, кому му претходеле неколку помали потреси. Се случил во 2,18 часот по локално време (четврток во 19,18 часот по средноевропско време), со епицентар на 36 километри јужно од Мамују, на длабочина од 18 километри.
Властите досега ја потврдија смртта на три лица и 24 повредени во Мамују, каде што се оштетени хотел и канцеларијата на гувернерот. Градот има околу 110 000 жители.
Земјотресот предизвика паника кај жителите во западен Сулавеси кои се засолнија во ридовите.
„Патиштата распукаа и неколку згради се урнаа, канцеларијата на гувернерот и болницата се срамнети со земја“,
изјавуваат очевидци.
По земјотресот, се отвориле свлечишта, кои го затрупале пристапот до еден од главните патишта во провинцијата. Досега не е издадено предупредување за цунами.
Индонезиската група острови е на пацифичкиот „огнен прстен“, област со силна сеизмичка активност.
Во септември 2018 година, градот Палу на Сулавеси беше погоден од исклучително силен земјотрес со јачина од 7,5 степени, што предизвика разорно цунами. Тогаш повеќе од 4 300 луѓе загинаа и исчезнаа, а најмалку 170 000 мораа да ги напуштат своите домови.