И поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, во сведочењето за случајот поврзан со организацијата на протестите на 27 април 2017 година, негираше дека нејзината партија, ВМРО-ДПМНЕ, била организатор на настаните.
Во тој период таа беше дел од Извршниот комитет на партијата и вели дека не ѝ биле познати одлуки во врска со протестите, односно дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не излегла со формален став за демонстрациите што ги организираше движењето „За заедничка Македонија“.
Одлука на Извршниот комитет за поддршка на протестите не беше донесена“,
рече Јанкулоска.
Критичниот ден, сведочеше, била во својата канцеларија во партиското седиште и тврди дека не се случувало ништо невообичаено, а околу 17 часот си заминала дома и на телевизија видела што се случува во Собранието.
Јанкулоска е сведок предложен од страна на одбраната. Таа не е првиот истакнат член на партијата што сведочеше во овој предмет. Сведочеа повеќето од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од минатиот парламентарен состав, како и актуелниот лидер Христијан Мицкоски, кој во тој период беше генерален секретар. Сите сведочења беа во насока дека партијата не стоела зад протестите.
Конкретно Мицкоски, пак, рече дека народот се самоорганизирал.
„Протестите беа организирано изразување незадоволство од страна на народот, од граѓани кои сами се организираа во тој период, на тие протести присуствував и јас, одев речиси секој ден и тоа беше реакција на тогашната политичка ситуација. Што се однесува до партијата, нормално разговаравме и дебатиравме, но ако прашањето е дали партијата ги организираше тие протести, мојот одговор е не“,
рече Мицкоски во сведочењето на 25 декември 2020.
За организацијата на „27 април“, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги обвини поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, и бившиот директор на тогашната УБК, Владимир Атанасовски. Сите се товарат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата беа обвинети и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошковски, но тие не се најдоа во обвинението бидејќи во тој момент беа недостапни за органите на прогонот (едниот избега во Унгарија, другиот во Грција) и истрагата за нив остана отворена.