Централниот одбор на СДСМ денеска одлучи идниот претседател на на партијата да биде биран на непосредни избори, на кои право на глас ќе има секој член на СДСМ.
„Целиот процес ќе се води од најмалите организациони единици на СДСМ, од Месните организации, па се до најголемите единици и највисоките партиски органи, преку транспарентна постапка. Во оваа насока започнува постапка за ажурирање на базата на податоци и регистрација на членовите на СДСМ. На овој начин, партијата дополнително се демократизира и подобрува за уште подобро да им служи на граѓаните“, велат од партијата.
На седницата, како што известија од СДСМ, Централниот одбор на партијата донесол Кодекс за однесување на членовите и функционерите на СДСМ.
„Врз основа на компаративни и внатрепартиски анализи, со помош на американскиот меѓународен институти ИРИ, усевоен е Кодекс со кој се воведуваат највисоките начела и стандарди за однесување на членовите на СДСМ, особено за носителите на јавни функции. Како одговорна партија даваме конкретен придонес, преку одговорен мерит систем, за почитување на нормите и владеењето на правото, како и стандардите за етичко, одговорно, отчетно, професионално и транспарентно однесување и работење“,
информираат од СДСМ.
Во обраќањето пред членовите на Централниот одбор, претседателот Зоран Заев посочил дека СДСМ, како владејачка партија, годината ја започнува со нова енергија, подготвен за сите предизвици со кои е соочена државата.
„Во новата година влегуваме со нова енергија, подготвени за сите предизвици. Конечно да ставиме крај на пандемијата со коронавирусот. Вакцинирањето е операција од врвен приоритет и јавен интерес, обезбедени се потребни количини на вакцини за граѓаните, а институциите се подготвени да го реализираат во целост. Покажавме дека можеме да одговориме на најсилните предизвици кои ги донесе минатата година, да го заштитиме јавното здравје, економијата, да ги спасиме работните места, да им помогнеме на граѓаните. Оваа година ќе биде година и на целосен рестарт на економијата, нови економски потенцијали, мерки и политики за враќање на стапките на раст и развој како и зголемување на продуктивноста. Преку стратешката Акција 21 европските стандарди ги носиме дома а спремни сме и за реализација на пописот согласно сите европски критериуми“,
рекол во своето обраќање претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
На онлајн седницата на Централниот одбор, Заев им соопштил на сопартијците дека СДСМ е фаворит на сите анкети и е во водство пред политичкиот противник, што, според него, било потврда дека граѓаните ги препознаваат државничките политики на СДСМ.
„Во оваа насока, дополнителната демократизација на партијата, со тоа што овозможуваме секој наш член да гласа на овогодинешните внатрепартиски избори е нов квалитет, нова вредност за СДСМ. За прв пат во нашата држава ќе се случува внатрепартиски непосредни избори за избор на претседател и тоа ќе го направи СДСМ, како што личи. Секој наш член ќе може да избира. Додаваме нова демократска вредност во партијата, во политичкиот живот и се надевам овој пионерски чекор ќе охрабри и други партии да не следат“,
посочил Заев во своето обраќање.
Централниот одбор донесол одлука и за формирање на Форум на пензионери на СДСМ, со цел да ги мотивира највозрасните членови да ги искористистат нивните капацитети и искуство во градење на мерки и политики за унапредување на животот на пензионерите и на сите граѓани.