Хрватското министерство за одбрана објави видео-снимки од штетите предизвикани од земјотресот во Хрватска. Целта е со помош на беспилотните летала е да се лоцираат критичните точки и да се проценат штетите од земјотресот, во кој загинаа седум лица, а многумина беа повредени.
Според првичните податоци кои денеска ги објави Геофизичкиот отсек на Природно – математичкиот факултет во Загреб, петрињското епицентрално подрачје од 28 декември го погодиле 374 земјотреси.
Првиот земјотрес на подрачјето на Петриња бил на 28 декември, со јачина од 5 степени по Рихтер во 06.28 часот. Најсилниот потрес ги погоди Петриња, Глина и Сисак утредента, на 29 декември, во 12.19 часот со јачина од 6,2 степени, со епицентар 5 километри југозападно од Петриња.
По тој потрес, до 31 декември имало уште 265 земјотреси посилни од 1 степен.
Според последните податоци, причинетата штета по земјотресот во Хрватска изнесува над 400 милиони евра, а оштетени се речиси девет илјади објекти.
Продолжуваат санациите и aкциите за помош на загрозените жители.
Во Хрватска денеска е Ден на жалост и им се оддава почит на жртвите од земјотресот.
Девојче од Петриња, пет лица во Мајске Полјане кај Глина и маж од Жажине се седуммината кои ги изгубија животите во разорниот земјотрес со епицентар кај Петриња. Неколку десетици беа повредени.
Уништени се бројни куќи, згради и институции, а најмногу страдаше центарот на Петриња, кој е речиси срамнет со земја.