Обвинителката Вилма Русковска ги негира информациите дека обвинетиот во аферата „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, во исказот кој го дал во обвинителството спомелувал лица блиски до семејството Заеви и довчерашниот премиер Зоран Заев.
„Не е точно. Во исказот тој спомена НН лица и НН настани, како и дека поради тоа наводно неговиот живот бил загрозен“,
вели Русковска во изјава за „360 степени“.
Од друга страна, пак, информациите кои ги објавија дел од медиумите, за што пишуваат и истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ, се дека Боки 13 зборувал за конкретно лице од со иницијали В.З., близок роднина на Зоран Заев.
„Боки 13 се отворил до крај и раскажувал што се случило со парите прибрани од рекет, и тоа од повеќе лица, а не само од Орце Камчев. Се работи за вкупно собрани околу 7 милиони евра со рекетирање бизнисмени. Според Боки 13, парите, во поголем дел, ги предал на луѓе блиски до претседателот на СДСМ, поранешниот премиер Зоран Заев, посочувајќи го конкретно В.З. близок роднина на досегашниот премиер кому предал пари на средба во Карпош, на локација Лептокарија. Заканите кон него, кои Боки 13 ги спомнува на судењето, се спомнуваат и во исказот, и повторно како главен извор на заканите тој го спомнува лицето В.З.“,
е дел од приказната што ја објави порталот „Вечер“, повикувајќи се на свои сознанија.
Информациите се појавија и во други пoртали, а меѓу оние што ги споделуваа се и истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот на партијата, Димче Арсовски, по објавата на ваквите информации, во статус на Фејсбук, алудираше дека лицето со иницијали В.З. е Вице Заев, братот на довчерашниот премиер.
Вечерва и новинарот Бранко Героски, кој летово пишуваше за аферата „Рекет“, објави нова колумна со наслов „Кои се петте луѓе блиски на Заев што ја менаџирале аферата „Рекет“ од втор план и дали некој од нив знае каде се парите?“, во која, меѓу другото, се реферира и на пишувањата што денеска ги објави „Вечер“.
„Не знам дали е тоа точно, но моите извори уште минатото лето ме известија дека во телефонот на Боки навистина чуда имало и дека ништо не било избришано. За разлика од Катица, Боки не бришел. Меѓу чудата имало и снимки од комуникации на Бојан Јовановски со луѓе многу блиски до Заев, некакви белешки во апликација за пишување (таму наводно била спомната и Фросина Ременски) и куп други докази кои, според порталот Вечер, обвинетиот Боки сега сака да излезат на виделина“,
пишува Героски во неговата вечерашна колумна.
Во инфорамациите објавени денеска, се наведува дека овие информации Боки 13 ги кажал во исказ на 20 декември 2019 г., петок, кој продолжил и во понеделникот на 23 декември 2019 г.
Станува збор за термини што ѝ се познати на јавноста, бидејќи поголем број новинарски екипи беа присутни околу зградата на Апелацискиот суд во Скопје каде е сместено Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Боки беше последен што го даде својот исказ во рамки на втората истрага од аферата „Рекет“, откако деновите пред 20 декември тоа го направија и пратеничката Фросина Ременски и Јасна Мандиќ. На 20 декември пред Боки да го даде исказот, на распит беа и неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска. Тогаш се затвори и истрагата за „Рекет 2“, за која обвинителката Русковска вчера поднесе обвинение.
Објавувањето на денешните информации следуваат еден ден откако Бојан Јовановски во судница рече дека се чувствува како политички затвореник и дека има закани за физичка ликцидација.
„На кого му одговара мојата физичка ликвидација, на кого му пречи вистината за ‘Рекет’? Сакам да истакнам дека денеска испратив и лични писма до амбасадорката на САД, амбасадорот на ЕУ, амбасадорот на Франција, како и до Хелсиншкиот комитет. Побарав нивни посети во затворот ‘Скопје’ поради бруталното кршење на човековите права. Побарав да ме посетат“, рече Боки во дел од неговото вчерашно излагање.