Премиерот Заев изрази жалење што интервјуто за БГНЕС предизвика силни негативни емоции во јавноста, но смета дека има обврска да ги поттикне македонските граѓани за изнаоѓање решение
Имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И Македонците и Бугарите треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и да одржиме капацитет за разбирање и за простување, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговото интервју за БГНЕС.
Заев изрази жалење што интервјуто предизвика силни негативни емоции во јавноста, за што рече дека е свесен и ги разбира, но додаде дека има обврска да ги поттикне македонските граѓани за изнаоѓање решение.
„Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија која е пример како во име на иднината, најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите“,
рече Заев.
Заев потенцира дека давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо, без разлика дали е во бугарски или кој било друг контекст.
„Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во авнојска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со асномска Македонија. АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа“,
рече Заев.
Според него, иако постоело затоплување на односите меѓу Југославија и Бугарија по учеството на бугарските армии во борбата против фашистите, по 1948 година, постоела и „железна завеса“ со сериозни историско-политички конфликти околу македонското прашање.
„Денес треба да работиме на отстранување на последиците од ‘железната завеса’ кои сè уште се чувствуваат меѓу Северна Македонија и Бугарија. Историјата треба да нѐ учи дека можеме и поинаку, дека можеме и подобро, дека треба да соработуваме, но и меѓусебно да ги почитуваме разликите помеѓу нас. Само почитување на разликите и заедничка борба против говорот на омраза и нетолеранцијата во македонското и бугарското општество можеме да градиме добрососедски односи и заедничка иднина“,
рече Заев.
Поврзани вести:
Ѓоргиев: Погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка