Во однос на оперативните чекори, Сали информирал дека веќе се започнати внатрешни подготовки за суштинско учество, дека Министерството за правда е одредено како координативна институција и оти се назначени контакт-точки за комуникација со Секретаријатот на Центарот

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, за време на работниот појадок на маргините на Советот за општи работи на Европската Унија, ја истакнал важноста од вклучување на земјите кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност уште од самиот почеток, соопшти Министерството за европски прашања (МЕП).
Во своето обраќање, вицепремиерот Сали нагласил дека дезинформациите, кибернападите и хибридните закани врз независните медиуми и граѓанското општество се заеднички закани како за земјите членки на ЕУ, така и за земјите кандидатки. Според него, демократската отпорност денес претставува суштински дел од целокупната европска безбедност.
„Учеството во Центарот би ѝ овозможило на Северна Македонија навремен пристап до европските процени на заканите, механизмите за рано предупредување, експертизата и оперативните мрежи. Истовремено, тоа би ги зајакнало капацитетите за спротивставување на дезинформациите, стратешката комуникација и кибербезбедноста, како и поддршката за независните медиуми и граѓанското општество, придонесувајќи за реформите во темелните области од пристапниот процес“,
изјавил Сали.
Тој потенцирал дека земјата има намера да биде активен придонесувач, а не само корисник, споделувајќи го сопственото искуство во справувањето со хибридните закани.
Во однос на оперативните чекори, Сали информирал дека веќе се започнати внатрешни подготовки за суштинско учество, дека Министерството за правда е одредено како координативна институција и оти се назначени контакт-точки за комуникација со Секретаријатот на Центарот.
На крајот од обраќањето, Сали апелирал за потесна соработка меѓу ЕУ и Западен Балкан, нагласувајќи дека раното вклучување на земјите кандидатки во европските инструменти го претвора процесот на проширување во конкретен придонес за безбедноста, демократијата и единството на цела Европа.
