Водечкиот американски експерт за инфективни болести Ентони Фаучи изјави дека резултатите од тестирањето на американската вакцина на компанијата „Модерна“ против коронавирусот можат да бидат одлични.
„Модерна“ наскоро треба да ги објави процените и анализите на податоците добиени во третата фаза од тестирањето на вакцината против коронавирус, а Фаучи вели дека нема да биде изненаден ако резултатите за ефикасноста се слични на вакцината што ја развиваат компаниите „Фајзер“ и „Бионтех“ односно 90 отсто, пренесува „Фајненшл тајмс“.
„Ни беше речено дека во следните неколку дена треба да ги добијат резултатите до кои дојдоа и во ’Фајзер‘“,
рече тој.
Тој на Глобалниот фармацевтски самит на „Фајненшл тајмс“ изразил оптимизам дека вакцината на „Модерна“ ќе биде исто толку ефикасна како и таа на „Фајзер“ бидејќи двете вакцини се идентични во многу аспекти.
Во трета клиничка фаза на испитувањето на вакцината на „Модерна“ учествуваа околу 30 000 луѓе, дел од нив ја примиле вакцината, а дел добиле плацебо. 53 лица од нив биле позитивни на ковид-19 и овие случаи ќе бидат доставени на анализа на независен одбор кој треба да го спореди бројот на инфицирани во групата која примила плацебо (лажна) вакцина со оној во групата која ја примила вакцината.
Вакцината на „Модерна“ би била трета која би дала ветувачки резултати бидејќи покрај „Фајзер“, и фармацевтскиот гигант „Астра Зенека“ објави дека вакцината што ја развива би можела да биде пуштена во употреба кон крајот на декември годинава. Компанијата вакцината ја развива со Универзитетот Оксфорд, а извршниот директор пред неколку дена изјави дека во моментов чекаат одобрение од регулаторните тела.
И „Фајсер“ и „Астра Зенека“ аплицираа за добивање дозвола за употреба од Европската агенција за лекови, а нивните вакцини ќе бидат дистрибуирани и преку ковакс-механизмот. Преку овој механизам, и Северна Македонија очекува да ги добие првите вакцини, а министерот за здравство Венко Филипче пред два дена изјави дека тоа би можело да се случи во јануари или февруари.
