Американската компанија „Модерна“ влегува во доцна, трета фаза, од клиничкото тестирање на вакцина против ковид-19. Планирано е тестирањето од оваа клучна фаза да започне на или околу 27 јули на 87 локации, сите во САД, пренесува „Ројтерс“.
Вакцината што ја развива оваа компанија е наречена „mRNA-1273“.
Експерименталната вакцина ќе биде тестирана во 30 сојузни американски држави и во Вашингтон, а околу половина од локациите се во државите кои се тешко погодени од новиот коронавирус, како: Тексас, Калифорнија, Флорида, Аризона, Северна и Јужна Каролина.
Развивањето на вакцината на оваа компанија го поддржа и федералната влада со речиси половина милијарди долари.
Веста дека се влегува во трета фаза, ја објави и компанијата на социјалните мрежи, а „Ројтерс“ наведува дека на пладне акциите на „Модерна“ на берзата „Nasdaq“ се зголемиле за 2,5 %.
За првичните позитивни резултати од оваа вакцина медиумите пишуваа и во мај. Тогаш „Би-би-си“, јави дека првите сигнали упатуваат на тоа дека таа може да го зајакне имунолошкиот систем на луѓето односно дека создава антитела кои можат да го неутрализираат вирусот. Испитувањата тогаш покажаа дека антителата кои се развиваат од вакцината се слични на реакциите на имунолошкиот систем кај луѓето кои се заразиле и со ковид-19 и создале антитела.
Ова беа резултати од првата фаза на тестирање врз луѓе. Претходно, таа се тестираше и на глувци кога се покажа дека може да го спречи вирусот да се реплицира во нивните бели дробови.